Здружението АРНО свечено го отвори првиот Центар за поправки во Скопје, именуван како „Ништо Ново“, а е лоциран во општина Кисела Вода. Ова е прв ваков простор во градот каде граѓаните ќе можат самите да прават поправки, да учат нови вештини, да се разменуваат со предмети кои не им се потребни, да изнајмат алат и да дадат поддршка на зеленото социјално претприемништво.

Центарот е иницијатива на АРНО, а е финансиран преку ЕУ проектот ЕИЦЕЕ, во соработка со општина Кисела Вода која дава поддршка преку обезбеден простор и режиски трошоци.

Антонио Даниловски од АРНО, кажа дека во „Ништо Ново“ граѓаните ќе можат да острaт ножеви, да поправат тротинети, да сменат кабли, да сошијат облека, да исчистат тастатура, да наполнат батерии самостојно, користејќи ја опремата што е во центарот на располагање.

„Овде има лемилици, шијачки машини, алати. Секако, ќе има и организирани работилници. Ги покануваме граѓаните да го следат профилот на „Ништо Ново“ на социјалните мрежи“, истакна Даниловски.

Во „Ништо Ново“ граѓаните ќе можат да острaт ножеви, да поправат тротинети, да сменат кабли, да сошијат облека, да исчистат тастатура. Фото: АРНО

Претседателка на АРНО, Ирина Јаневска ја раскажа инспиративната приказна зад концептот.

„Сѐ почна пред осум години, кога за првпат го видовме Риперај во Ријека. Веднаш знаевме дека и Скопје заслужува вакво место. По години упорност, конечно сме тука. ‘Ништо Ново’ не е само име, туку филозофија: да не фрламе, да поправаме, да придонесеме кон помалку отпад, зошто токму превенцијата на отпад е клучна во циркуларната економија. Рециклирањето е скапо и неисплатливо. А конзумеризмот мораме да го освестиме. Центарот го посветувам на татко ми, инженер кој од три расипани тостери правеше еден што работи“, истакна таа.

Центарот веќе може да го користат сите кои имаат потреба од најразлични поправки. Фото: АРНО

Санда Ракочевиќ, регионалната координаторка на ЕИЦЕЕ проектот кажа дека центарот е дел од пошироко движење кое се случува во Западен Балкан.

„Ние сме прегорди што во рамки на овој проект се отворија места за иновација, таканаречени „makerspaces“ во Подгорица, Ниш, Сараево, Печ – и со ова Скопје станува дел од мрежата што го поттикнува циркуларниот економски модел. Во Подгорица се прават лампи од стари винил плочи, прототипи на соларни панели од рециклирани елементи, со помош на 3д печатачи, ЦНЦ машини. Во Скопје ќе имате можност да поправате“, рече таа.