Акциски план со мерки против загадениот воздух: Контроли кај индустријата и намалување на сообраќајниот метеж

За овие мерки донесена е и наредба да се се применуваат во случаи кога загадувањето ќе ги надмине праговите на алармирање

Фото: Мета.мк

Инспекциски контроли на индустријата и градилиштата, посебен сообраќаен режим за тешки товарни возила, намалување на употребата на службени возила на администрацијата и ослободување од работни обврски на ранливите групи и бремените жени, се дел од краткорочните мерки кои Владата и Министерството за животна средина ги вклучија во новиот Акциски план за намалување на загадувњето на воздухот. За овие мерки донесена е и наредба да се се применуваат во случаи кога загадувањето ќе ги надмине праговите на алармирање.

Од Министерството апелираат до сите институции, правни субјекти и граѓани да ги почитуваат и имплементираат мерките, бидејќи посочуваат дека тоа е единствениот начин на кој може да се заштити здравјето на граѓаните и да се подобри квалитетот на воздухот земјата.

Во Акцискиот план се вклучени десет мерки меѓу кои се и зајакнатите контроли на возилата кои ќе ги врши сообраќајната полиција за да се утврди техничката исправност на возилата и емисијата на испусните гасови, како и воведувањето на посебен сообраќаен режим за тешките товарни возила кои ќе се пренасочуваат кон обиколни патишта за да се намали сообраќајот во урбаните средини.

Една од мерките е и забраната за дотур на стока и транспорт на градежни машини како багери, булдожери и виљушкари во периодот од 7,30 до 18 часот за да се намали сообраќајниот метеж и емисиите во најфреквентните часови, а државните и локалните институции ќе треба да ја намалат и употребата на службени возила за 50 отсто. Во периодите на големо загадување од работни обврски ќе бидат ослободени бремените жени, лицата постари од 60 години, лицата со малигни заболувања, хронична астма, прележан миокарден инфаркт или мозочен удар, без оглед на возраста, со препорака од матичен лекар. Една од мерките предвидува и реорганизација на работното време и обезбедување заштитни маски за лицата кои работат на отворено. Работните активности треба да се извршуваат во периодот од 11 до 17 часот, а дополнително, работодавците се должни да обезбедат заштитни маски тип KN95 или најмалку FFP2 за своите работници.

Инспекциските служби ќе вршат вонредни контроли на инсталациите со А и Б интегрирани еколошки дозволи и ќе прават контролни мерења на емисиите во воздух, а индиустриските капацитети ќе бидат задолжени да го намалат производството. Последната мерка предвидува вонредни контроли и на градилиштата која ќе ја вршат Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспекторати.