Акционерите на Твитер гласаа за одобрување на купопродажниот договор со Маск

Фото: Joshua Hoehne, Unsplash

Акционерите на Твитер изгласаа одобрување на договорот со Илон Маск за купување на компанијата за 44 милијарди долари. Тоа значи дека Твитер сега ќе се обиде на суд да го принуди Маск да ја купи компанијата, пишува „Би-би-си“.

Средбата на инвеститорите на Твитер следеше по експлозивното сведочење на поранешниот шеф на безбедност во компанијата, Питер Затко пред американскиот Сенат, кој го обвини Твитер дека ја заведува јавноста за тоа колку е безбедна платформата. Минатата недела судијата одобрил адвокатите на Маск да можат да го користат сведочењето на свиркачот Затко.

Во април, Твитер се согласи да ја продаде компанијата на еден од најбогатите луѓе во светот. Преговорите за купопродажба се влошија откако Маск почна да тврди дека бил заведен од Твитер за бројот на спам профилите на оваа платформа.

Маск по ова рече дека не сака да ја купи компанијата, но Твитер тврдеше дека тој не може да се повлече од договорот.

Твитер вели дека помалку од 5 отсто од дневните активни корисници се ботови, додека Маск смета дека нивниот процент е неколкукратно повисок.

Во моментов Твитер е проценет на 32 милијарди долари, многу помалку од понудените 44 мијлијарди од страна на Маск.

Вчерашното гласање на акционерите можеше да значи крај на правната битка на Твитер, но тие сепак ѝ дадоа зелено светло на компанијата да го гони Маск на суд. Сослушувањето во судот во Делавер, САД, ќе се случи во октомври кога судија ќе одлучи дали Маск треба да го купи Твитер.

Илон Маск се откажа од зделката од 44 милијарди долари за купување на Твитер