
По повеќемесечна меѓународна соработка, заеднички истражен тим од Македонија и Србија вчера спровел активности за разоткривање на криминална група што се занимавала со фалсификување на евра, соопшти Јавното обвинителство.
Од таму велат дека фалсификуваните евра, во различни апоени, потоа се нуделе на пазарот.
Спроведувањето на активностите од македонска страна било под раководство на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а извршени биле 23 наредби за претреси на лица и дом, при што биле обезбедени материјални докази. Обвинителството акцијата ја нарече „Вардар“.
При претресите биле пронајдени и одземени парични средства во износ од околу 500.000 евра, 25.000 американски долари, 500 швајцарски франци, 1.800 израелски шекели, 500 хрватски куни, 10.000 албански леки, 1.000 шведски круни и 25.000 руски рубљи.
„Воедно се пронајдени топли ваљаци, преси, ЦНЦ машина за изработка на калапи и жигови со кои се изработувале фалсификуваните пари, копии од делови од банкноти, пиштол, куршуми, кесиња со прашкаста бела и кафеава материја, телефонски апарати, сим картички, УСБ, детектор за фалсификувани банкноти, холограми, бројачи на пари, други предмети за фалсификување пари и лаптопи кои ќе бидат предмет на вештачење“, велат од Јавното обвинителство, од каде додаваат дека десет лица се лишени од слобода.
Во меѓувреме, и во Србија вчера биле извршени претреси на повеќе локации во Нови Пазар, Нови Сад, Сомбор и Суботица, при што биле приведени шест членови од криминалната група. Српската полиција запленила и 180.000 фалсификувани евра.
Операцијата се надоврзува на претходната операција од август минатата година спроведена од ОЈО Скопје и косовското Специјално обвинителство, кога беа пронајдени и запленети машини за фалсификување на евромонети, готови и полуготови фалсификувани монети, калапи и материјали потребни за изработка на монетите, додека во Косово беше уапсен македонски државјанин кој ги произведувал и пуштал во оптек.
Денешната операција во целост била поддржана од ЕВРОПОЛ и од Проектот на ЕВРОПРАВДА за кривична правда на Западен Балкан. Повеќе информации за операцијата, од обвинителството најавија за денес.