Акција на ДИЖС за заштита на реката Осојница од отпадни води

фото: ФБ објава на ДИЖС

Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) утврди дека реката Осојница во Виница се загадува со отпадните води од четири свињарски фарми. Надзорот се изврши со овластен инспектор од општината, поради локалната надлежност за инспектирање на три од четирите фарми.

„Инспекторатот утврди дека фармата која поседува „А3 интегрирана дозвола не ги одржува лагуните и не врши мониторинг на подземните води, и ја задолжи во законски утврдениот рок, да ја изведе прописно активната лагуна и да склучи договор за редовно чистење на талогот од изѓубрувањето. Исто така, фармата е задолжена да врши мониторинг на подземните води, согласно обврските кои произлегуваат од дозволата“, соопштија од ДИЖС.

Дополнуваат дека, овластените инспектори од општина Виница досега немале сознанија дека покрај реката има фарми кои треба да се контролираат од нивна страна. Тие дополнително ќе постапуваат за собирање информации од правните лица за капацитетот на фармите, од што ќе зависи дали ќе добијат задолжување да поднесат барање за издавање „Б“ интегрирана дозвола или одобрување за Елаборат за заштита на животната средина, од страна на градоначалникот на општина Виница. „Доколку овластените општински инспектори не постапат според своите овластувања, Инспекторатот ќе ги преземе соодветните чекори“, информираат од ДИЖС.