Aкадемската фела избира нов ректор на УКИМ, резултатите ќе се знаат попладнево

Гласањето кое беше тајно, се одвиваше во мирна атмосфера, во посебни простории на факултетите наменети за гласање. Некои од професорите со кои поразговаравме рекоа дека очекуваат новиот ректор вистински да се грижи за универзитетот

Oд денешното гласање на Филозофскиот факултет. Фото: Мета.мк

Редовни, вонредни професори, доценти и студенти – членови на универзитетски студентски собранија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска избираа прв човек на најстарата високообразовна институција во државата. Право на глас имаа 1.426 гласачи, а се бираше меѓу шестмина кандидати.

Резултатите од гласањето ќе бидат познати попладнево.

Мета.мк следеше дел од изборниот процес на неколку факултети. Гласањето кое беше тајно, се одвиваше во мирна атмосфера, во посебни простории наменети за гласање. Некои од професорите со кои поразговаравме рекоа дека очекуваат новиот ректор вистински да се грижи за универзитетот.

„Не очекувам чуда, но очекувам состојбите да бидат подобри отколку што се сега“, рече во неофицијален разговор професор на Филозофскиот факултет.

И на Правниот факултет гласањето се одвиваше во мирна атмосфера. Професорите гласаа зад параванот и ливчињата ги ставаа во избирачката кутија.

Избор на ректор, Правен факултет „Јустинијан Први“. Фото: Мета.мк

Процесот на гласање почна на пладне, а заврши во 14 часот. Како што информира за Мета.мк професорката Родна Живковска, претседателката на универзитетската изборна комисија, резултатите треба да се знаат околу 16 часот.

„Согласно роковникот, денеска ќе бидат објавени резултатите од тајното гласање на веб-страницата на УКИМ, по што ќе им биде доставен записник и одлуката до кандидатите за ректор. Од утре, па до 5 јуни е рокот за приговори, кој кандидатите може да ги испратат електронски до Универзитетската изборна комисија и во архивата на УКИМ. Одлуки по приговорите ќе има на 6 јуни“, објаснува проф. Живковска.

Фото: Мета.мк

Во трка за мандатниот период од 16 септември 2023 до 15 септември 2026 година, се деканот на Филозофски факултет проф. д-р Ратко Дуев, потоа, проф. д-р Горан Ајдински исто така од Филозофскиот факултет, проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) и актуелна проректорка за настава, проф. д-р Димитар Ташковски исто така од ФЕИТ, проф. д-р Атанас Кочов од Машински факултет, како и актуелната проректорка за финансии, проф. д-р Биљана Ангелова.

Досегашен ректор на УКИМ беше д-р Никола Јанкуловски, професор на Медицинскиот факултет. Тој првпат беше избран за ректор во 2016 година. Во 2020 година тој беше реизбран со нов мандат од три години.