fbpx

„Аирлија избори, победуваме“, им порача Груевски на симпатизерите

-

„Аирлија избори, победуваме“. Со овие зборови лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го почна својот 70-минутен говор на народниот собир во спортскиот центар „Борис Трајковски“, на кој побара голема победа од 63 пратеници за стабилна и сигурна Македонија и која, како што рече, „ќе значи крај на црните и мрачни сценарија на Заевци и на Верушевци“.

– Дојде време за избори и дојде времето да го слушнат гласот на народот, гласот кој долго време го игнорираа и го исмеваа. Народот кој памети и кој е мудар и кој знае точно што се случуваше и која е крајната цел. Дојдовме до посакуваната цел, која треба да значи почеток на крајот на кризата. Дојде време за одговор кој граѓаните им го спремаат две години. Но, силата и мудроста на овој народ е многупати низ историјата докажувана. Трпението на овој народ е доблест. Нашиот народ чекор по чекор дојде до посакуваната цел – изборите – им се обрати Груевски на симпатизерите на владејачката партија.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека време е за крај на кризата за конечно да можат да се фокусираат на реалните проблеми на граѓаните, економијата и на отворањето работни места.

– Свесни дека со овие избори ќе се покаже јасната и недвосмислена волја на нашиот народ и ќе се испрати порака до сите дека оваа земја е на народот на Македонија и граѓаните одлучуваат за нејзината иднина и никој друг. За оваа земја одлучуваат нејзините граѓани и тие најдобро знаат кој треба да ги застапува и кој може да им помогне во секојдневните проблеми. Не се откажуваме, не застануваме, ја водиме земјата напред – вели Груевски.

Груевски истакна дека додека се справувале со политичката криза и со деструкцијата на СДСМ и невладините, работеле напорно, а дека изборите ќе бидат референдум за сè што правела опозицијата.

Тој рече дека СЈО е главен инструмент за доаѓање на СДСМ и на Зоран Заев на власт без поддршка од граѓаните.

– СЈО кое се формираше со добра намера, се нафати да биде главен инструмент на СДСМ и на Заев за доаѓање на власт со сила без волјата на народот. Одржаа еден куп спектакуларни прес-конференции и поднесоа обвиненија без да имаат ниту еден валиден доказ и тие допрва сакаат да станат актер во оваа кампања. Колку повеќе СДСМ се обидуваат на нечесен начин да дојдат на власт, толку поголема ќе биде победата на ВМРО-ДПМНЕ – додаде Груевски, кој рече дека на 11 декември народот ќе им прати одговор дека нема играње со него и ќе одбере опција на која може да се потпре.

Груевски во говорот се осврна на проектот „Македонија вработува“, на инвестициите, отворањето нови фабрики и работни места и најави инвестиции на четири нови компании.

Симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ утринава со стотици автобуси од цела Македонија пристигнаа во Скопје за да учествуваат на народниот собир.

На собирот освен сегашните министри, пратеници и градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, присуствуваа и поранешните министри Зоран Ставрески, Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украинската одбрана соборила 84 руски воздушни цели

Ноќеска Русија изврши уште еден масовен воздушен напад врз украински објекти за гориво и енергија, соопшти украинската одбрана. Непријателот ја нападнал Украина со 60 беспилотни летала Шахед и 39 проектили...