„Airbnb“ понуди бесплатно сместување за 20.000 Авганистанци

Open Grid Scheduler / Scalable Grid Engine, CC0, via Wikimedia Commons

Онлајн платформата за сместување „Airbnb“ соопшти дека привремено ќе смести 20.000 авганистански бегалци бесплатно за да им помогне  да се преселат секаде низ светот, јавуваат светските новински агенции.

Од платформата велат дека овој потег е одговор на една од најголемите хуманитарни кризи на нашето време.

„Стана извонредно јасно дека раселувањето и преселувањето на авганистанските бегалци овде во САД и на другите места е значајна хуманитарна криза и соочени со оваа потреба, нашата заедница е спремна уште еднаш да излезе во пресрет“, пишува во соопштението на компанијата.

Бесплатниот престој на раселените лица ќе зависи и од домаќините на „Airbnb“ кои се спремни да помогнат. Извршниот директор на компанијата, Брајан Чески, преку Твитер упати повик  за сместување на авганистански семејства до лицата кои примаат гости преку апликацијата.

Компанијата рече и дека работи со невладини организации на терен за да им помогне во најитните потреби на раселените лица.

За лицата и домовите кои ќе учествуваат во програмата на глобално ниво,  сместувањето ќе биде платено од страна на „Airbnb“ и непрофитната организација „Airbnb.org“ .

Сопствениците на имот кои примаат гости преку „Airbnb“ веќе долго време се охрабрувани да „донираат“ престој во нивните домови за луѓе кои се во криза. Оваа пракса започна како одговор на ураганот Сенди во 2012 година, кога повеќе од илјада лица имаа потреба од итно сместување откако беше погоден Њујорк.

И други компании прават напори за да ублажат дел од штетата предизвикана од повлекувањето на САД од Авганистан и преземањето на контролата од страна на талибанците.

Фејсбук и Клабхаус презедоа чекори за да ги обезбедат корисничките сметки на Авганистанците со криење на нивните листи на пријатели и отстранување на личните податоци. Американското министерство за одбрана, пак, ги повика комерцијалните авиокомпании да помогнат во понатамошна евакуација на лица од Авганистан.