Image by Nino Carè from Pixabay

Амнести Интернешнл (АИ) во најновиот годишен извештај во делот за Северна Македонија упатува загриженост поради неказнивоста, говорот на омраза и дискриминацијата на жените, Ромите и ЛГБТИ лицата. И покрај спроведувањето на реформите што се определени од Европската Комисија, за Амнести Интернешнл овие теми остануваа актуелни за земјава. Воедно, АИ укажува дека продолжиле незаконското притворање и притисокот врз бегалците и мигрантите.

Во извештајот се наведува и тоа дека поради ковид-19, вонредната состојба била прогласена во земјава од средината на март до средината на јуни. Притоа, како што се додава, полицијата била селективна во спроведувањето на усогласеноста со полицискиот час и забраната за верски или јавни собири.

Во април, владата го скратила финансирањето на НВО за 525.000 евра, загрозувајќи ја нивната можност за испорака на основни услуги, наведуваат од Амнести Интернешнл.

Дискриминацијата заснована на етничка и религиозна припадност, пол и сексуална ориентација продолжува да опстојува, овој пат често подгревана за време на пандемијата. Хелсиншкиот комитет за човекови права пријави за 80 отсто зголемување на антиисламскиот говор на омраза пред изборите, а во јули поднесе пет кривични пријави за ширење омраза.

Во делот на дискриминацијата на Ромите, Амнести Интернешнл забележува на дискриминација во пристапот до финансиски придобивки поврзани со ковид-19, забелешка што е упатена до владата. Исто така, во март минатата година девет ромски музичари од конвојот од 200 лица кои патувале од Италија биле во ставени карантин пет дена во армиска касарна по влегувањето во земјава, додека на не-ромските патници им било речено да се самоизолираат дома.

Во делот на дискриминацијата на ЛГБТИ лицата, во мај лани Уставниот суд, од процедурални причини, го укинал Законот за спречување и заштита од дискриминација во 2019 година, со кој се признава дискриминација врз основа на родов идентитет и сексуална ориентација. Во октомври, Парламентот го врати законот, но не успеал да обезбеди независност на Комисијата за дискриминација. Во август, претседателот на тетовската невладина организација ЛГБТ-Јунајтед бил нападнат, добивајќи повреди.

Во однос на дискриминацијата на жените, АИ во годишниот извештај за земјава констатира дека работодавците не успеале да имплементираат мерки поврзани со ковид-19 пандемијата кои ќе им помогнат на родителите што работат, а ова непропорционално влијаело врз жените, при што на некои од нив незаконски им биле намалени платите доколку тие земат отсуство од работа. Во текстилната индустрија, на жените им се заканувале отпуштања, необновување на договори или – како што се случило во Штип во јуни – се барало од нив да работат преку полициски час за време на викендот.

Амнести Интернешнл ѝ забележува на владата дека не успеала целосно да ги спроведе препораките од невладини организации за заштита на жените и децата кои бегаат од домашно насилство.

Во однос на сексуалните и репродуктивните права, во извештајот на АИ се укажува дека за време на ковид-19 пандемијата, државните клиники не можеа да обезбедат рутинско сексуално здравје и репродуктивни услуги.

Според невладината организација Европски центар за права на Ромите, една Ромка почина во март минатата година за време на постапката за отстранување на мртвото бебе. На неа двапати ѝ бил одбиен прием во охридската болница, и покрај тоа што се појавила со болка, а потоа со инфекција и треска.

Кога таа конечно била однесена во скопската болница, таа морала да чека шест часа за резултатот од тестот ковид-19 пред приемот. Дотогаш, бебето починало.

Во делот на бегалците, барателите на азил и мигрантите, Амнести Интернешнл констатирира дека скоро половина од 172 барања за азил поднесени до крајот на јуни биле од страна на лица незаконски притворени како сведоци во постапките против шверцерите; на еден апликант му била дадена привремена заштита. Невладината организација Здружение на млади правници на Македонија известила дека до 30 септември 24.153 бегалци и мигранти биле спречени да влезат во земјата или биле незаконски вратени назад во Грција, се наведува во годишниот извештај на АИ.