Агенцијата за храна и ветеринарство се уште нема официјална информација дали заловеното животно од скопската населба Козле е волк, куче или мешавина. Од институцијата ги демантираат информациите кои се споделуваат во јавноста дека не се работи за диво животно, туку за домашен миленик, куче, кое е чипирано и
кое сопственикот бара да му биде вратено.
Од АХВ велат дека денеска, во Зоолошката градина во Скопје ќе биде спроведен вонреден инспекциски надзор за да се утврди видот на заловеното животно и неговиот здравствен статус.
Првично беше објавено дека волк, кој бил припитомен и чуван како миленик, синоќа бил заловен во скопската населба Козле. Волкот во моментов е во Зоолошката градина, каде што ќе биде згрижен и каде што ќе живее во иднина, откако ќе го помине периодот во карантин под здравствен надзор од стручни лица.
