„Кои избори? Се шегувате со мене?“. Ова е реакцијата на лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на првото прашање во интервјуто за австрискиот весник „Стандард“, во врска со одржувањето на изборите.
Лидерот на ДУИ, по реакцијата, објаснува дека ставот на неговата партија е исполнување на сите критериуми, за веродостојноста на изборите да биде признаена од сите и од меѓународната заедница.
„Ние, четирите партии, решивме да ги одложиме изборите за 5 јуни. Но, сега опозицијата ја оспорува работата на Државната изборна комисија. За земјата не би било добро да се оди на избори без опозиција. ДИК мора да се произнесе околу оправданоста на барањата на опозицијата, а тоа би требало да го коментираат и меѓународните претставници. Во земјата владее хаотична ситуација, владата не функционира, владее општо исчекување“, вели Ахмети за „Стандард“.
Тој вели дека „т.н. претседател Ѓорге Иванов“, кој не е избран од Албанците и кои од почетокот се сомневаат во неговата способност за функцијата, треба да ја повлече одлуката за аоблиција, која, како што вели Ахмети, е неприфатлива и спротивна на правната држава.
„Решението би било повторен почеток на дијалогот овде, во земјата. Државата не треба да се лизне во уште подлабока криза. Се разбира, средбата треба да биде со посредство на амбасадорите на ЕУ и на САД и подобро е да биде час поскоро. Ако нема средба заради надминување на кризата, ќе биде тешко“, одговара Ахмети на прашањето дали четирите партии би се состанале повторно доколку Иванов ја повлече одлуката.
Лидерот на ДУИ не исклучува ниту можност од насилни судири и на прашањето дали стравува од украинско сценарио, со оглед на конфронтациите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Ахмети вели дека уште пред 14 месеци првпат изјавил дека Украина не е далеку одовде.
„Реков дека мораме да соработуваме во надминување на кризата и на интеретничките односи. Тогаш некои политичари и креатори на јавното мислење ова го сметаа за шега. Работите не се движат добро, проблемот не се наоѓа само во Македонија, кризата ги надминува нејзините граници. Мислам дека се инволвирани и геополитички интереси“, вели Ахмети.
Тој на констратацијата на новинарот на „Стандард“ дека аболицијата на Иванов им е од корист главно на политичарите на ВМРО-ДПМНЕ, против кои се води кривична постапка, а на листата нема членови на ДУИ, одговара смеејќи се:
„Таа е во корист на сите партии, само не на мојата, на ДУИ. Ние сме дискриминирани зашто не сме на листата“, и додава, повтроно смеејќи се, дека не сака да се најде на листата на помилувани.
Според Ахмети, претставниците на Европската Унија, Јоханес Хан и тројцата европарламентарци, направиле добра работа и тие не се виновни за ситуацијата, туку четирите најзначајни партии, кои не го почитувале договореното, односно тоа што требаше да го спроведат.
На крајот на интервјуто, на констатацијата на „Стандард“ дека интеграцијата на Македонија во НАТО зависи од тоа колкав притисок ќе извршат САД врз Грција околу спорот со името и можната реакција од Москва, Ахмети одговара парафразирајќи го прускиот државник Ото фон Бизмарк.
„Смеам ли да го интерпретирам Бизмарк? Оној кој владее со Македонија, владее и со Балканот, а кој владее со Балканот, владее со Европа“, вели лидерот на ДУИ.