Демократската унија за интеграција (ДУИ) не се брза, туку сака да се осигури дека очекувањата на граѓаните ќе се исполнат, заедно со „разгледувањето и расветлување на оспорените случаи како ‘Монструм’, ‘Сопот’, ‘Куманово’ (Диво насеље) и прислушувањата. Ова го истакнал лидерот на ДУИ, Али Ахмети на денешната средба со Кристијан Тимоние, aмбасадор на Франција.

На средбата, како што соопштуваат од партијата, било разговарано за политичката ситуација во земјава по изборите на 11 декември. Ахмети нагласил дека за ДУИ стабилноста на земјата е „многу важна, наспроти локалните, регионалните но и глобалните предизвици“.

„Претседателот на ДУИ се осврна на преговорите со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ откривајќи ги нашите приоритети за заокружување на Охридскиот договор, владеење на правото, добрососедски односи, економски развој и евроатланска интеграција“, стои во соопштението од ДУИ за средбата.

Ахмети посочил дека врз ДУИ се врши постојан медиумски притисок, но додал дека партијата работи рационално и фокусирано и дека „не е сервис на било која партија“.

„Ахмети нагласи дека овој медиумски ирационален и преференцијален притисок се обидува да создаде непостоечки теми за органите на партијата за наводно поделби помеѓу различните крила и ова се прави со цел да се ослабне ДУИ. Одлуката на ДУИ треба да создаде стабилност, безбедност, издржливост како и да биде во партнерство со меѓународната заедница бидејќи имаме заеднички интереси и цели, интеграција на земјата во НАТО и ЕУ. “, стои во соопштението.