Онлајн медиумите од Регистарот на професионални онлајн медиуми Промедиа.мк отсега ќе бидат јасно назначени на агрегаторот Time.mk (https://time.mk/blue). Ова е договорено помеѓу Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Time.mk.

„Time.mk со овој пристап се придружува на напорите за саморегулација на двете новинарски организации во обид да се препознаат професионалните и етички онлајн медиуми“, се наведува во заедничкото соопштение на ЗНМ и СЕММ.

Саморегулацијата на медиумскиот простор со ова добива нов квалитет, чекор плус за професионализација на онлајн сферата, како една од алатките кон зголемување на медиумската писменост во државата, но и за заштита на граѓаните од информации што не се обработени според Кодексот на новинари и стандардите на новинарската професија.

Процесот на приклучување кон овој Регистар и понатаму останува отворен за медиумите коишто ги исполнуваат критериумите за членство наведени на веб-страницата на СЕММ: https://www.semm.mk/chlenstvo/pravila-za-chlenstvo.