Новите законите за следење на комуникациите и за Оперативно-техничката агенција (ОТА), која ќе го врши следењето, треба да бидат готови до петок (24 ноември) оваа недела, стои во известувањето за почетокот и рокот за подготовка на законите.

Станува збор за сосема нов закон за следење на комуникациите, бидејќи во известувањето не е наведено дека ќе се изменува или дополнува закон, туку „почеток на процес за подготовка на Закон за следење на комуникациите“.

Со законот за Оперативно-техничка агенција (ОТА) се воведува сосема нов државен орган со специфична функција, кој со самото дефинирање како агенција се означува како самостоен. Агенциите (покрај дирекциите и комисиите) се дефинирани како самостојни органи на државната управа.

Надлежно за подготовката на законите е Министерството за внатрешни работи.

Во известувањето за подготовката на двата закони се наведува дека со нивното донесување ќе бидат имплементирани препораките на групата високи експерти за системски прашања од владеењето на правото во врска со следењето на комуникациите, односно на експертската група на Рајнхард Прибе.

Инаку, работната група која работи на реформите во системот за прислушување беше формирана со одлука што Владата ја донесе на 34. седница одржана на 31 октомври. На чело на работната група е Силјан Аврамовски, висок функционер на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и поранешен директор на УБК и министер за внатрешни работи.

На седницата од петокот минатата недела, Владата одлучи во работната група да ги вклучи и Специјалното јавното обвинителство и домашни и странски експерти.

Актуелниот директор на УБК, Горан Николовски, неодамна изјави дека со новите законски решенија се предвидува системот за следење на комуникациите, односно медијациските уреди (уреди за пренасочување) да се извадат од УБК и да се префрлат во Оперативнао-техничката агенција, според прифатениот модел. Со ова, како што рече Николовски, ќе се укине монополот што Управата го имаше врз следењето на комуникациите и ќе се оневозможи злоупотребата на овој систем.

Според Николовски, ОТА нема да може да собира податоци, односно нема да ги следи комуникациите, туку само ќе го обезбеди сигналот.

– Таа ќе го стиска копчето. Тие ќе може да го вклучуваат сигналот, но нема да може да слушаат – рече шефот на УБК на научно-стручната дебата „Безбедносни дијалози за процесот на трансформација на УБК и механизми за контрола на следењето на комуникациите“, што на почетокот на месецов се одржа на Факултетот за безбедност во Скопје.