Агенциите и институциите испраќаат информации, но на новинарите останува како ќе ги пласираат

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) денеска организираше онлајн дебатата „Пи-ар наспроти новинарство“, на која, новинарите и професионалци од ПР-секторот ги соочија своите ставови околу тоа како една содржина во медиумите треба да биде пласирана за истата да биде препознаена како ПР-текст или пак автентичен новинарски производ.

Новинарот Александар Димитриевски смета дека македонското новинарство ја губи битката со односите со јавноста, а проблемот го гледа во самите редакции, посебно во поголемите телевизии, каде што во информативната програма работат од 10 до 15 новинари.

Во анализата „Како „односите со јавноста“ ги освојуваат вестите?“, Димитриевски заклучи дека поради недостаток на кадар, редакциите во телевизиите се потпираат на лиферувањето на соопштенијата од страна на институциите или компаниите, при што новинарите само ги „препакуваат“ содржините на соопштенијата, без да обработат некаков друг агол на информацијата или пак да настапат критички. Тој смета дека соопштенијата од институциите стигаат како прилично добри новинарски производи, што во голема мера ја олеснува работата на новинарите и им се олеснува кога треба да подготват два или три прилога за во вести.

Новинарот Васко Маглешов смета дека е замаглена линијата помеѓу веста и пиарот и го презентираше неодамнешното истражување на БИРН, кое покажува како одредени ПР-текстови се пласираат во медиумите и како притоа, сите се појавуваат на агрегаторите на вести со ист наслов, содржина и без притоа да биде наведено дека станува збор за комерцијален или промотивен текст. Тој истакнато дека, порталите имаат морална и етичка обврска да наведат дека станува збор за таков текст за да не го доведат читателот во заблуда.

Татјана Лопарска од областа на односи со јавност смета дека новинарите и професионалците од агенциите за односи со јавност не се на спротивставена туку на иста страна, бидејќи агенциите им помагаат на новинарите со информации кога тие прават одредени стории. Таа нотираше дека во новинарството е потребно поставување на повисоки стандарди, на кои, луѓето од односи со јавност ќе се прилагодат на истите. Лопарска го истакна и проблемот со финансирањето на медиумите, прашање кое според нејзе треба да се расправа во здруженијата и во рамките на фелата. Оттука, како што посочи таа, порталите кои зависат од финансиски средства балансираат што добиваат, а што губат со објавувањето на ПР-соопштенијата.

Ели Пешева која исто така работи во областа на односи со јавноста смета дека соопштенијата кои агенциите ги испраќаат до медиумите, независно дали се за клиенти или институции се информации важни за јавноста, а проценка на новинарите е како истите ќе ги објават.

Таа смета дека е смешно, информации кои се од јавен интерес да бидат означени како комерцијален текст, сметајќи дека на тој начин тие информации ќе стигнат до помал број на читатели. Пешева додава дека моменталната саморегулација на медиумите е далеку од доволна кога станува збор за почитување на основната функција на новинарството за објективно и непристрасно информирање. Таа посочи пример кога познат и читан медиум објавил неточна информација за одредена компанија која била клиент на агенцијата со цел да изнуди пари.

„Во обид да стапиме во контакт за да објавиме демант, ни беше речено дека знаат дека е неточно и ни посочија да тужиме. Правниот тим на компанијата наиде на субјект кој беше регистриран како стоматолошка ординација,“ рече Пешева и додаде дека потребна е регулација.

Тамара Чаусидис од БИРН смета дека ваквите примери треба да бидат адресирани, односно дека станува збор за класичен рекет, за кој сите знаеме дека постои но никој јавно не проговорил и не може да се докаже.

„Треба јавно да се кажат, бидејќи тоа е срамота. Ги криеме лошите во своите редови, ги намалуваме стандардите на професијата и во ПР и во новинарството,“ вели Чаусидис и смета дека скриеното рекламирање е манипулација на јавноста.

„Читателот треба да знае кога некој текст е промотивен текст. Самите ПР агенции го испраќаат текстот до медиумите и инсистираат да не биде назначено дека е ПР текст, што е условување на медиумот кој е послабиот во приказната,“ смета Чаусидис.

Гоце Пачемски кој е од сферата на односи со јавност вели дека целта на медиумите се интересите на својата читателска публика, целта на ПР-от се интересите на клиентот, а заедничката точка е јавниот интерес.

Тој смета дека се мешаат односи со јавност и пропаганда, било политичка или економска. Оттука, Пачемски забележува дека во медиумите доминираат пропагандистички текстови кои не им одговараат на вистинските професионалци во односите со јавност, бидејќи се нарушува линијата помеѓу пропаганда и односи на јавност.

Пачемски смета дека потребни се закони и правила во рамките на двете професии кои треба да се почитуваат.

За разлика од порталите каде што ова прашање не е законски уредено, освен како препорака, кај телевизиите со измената на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги од 2014 година легализирано е пласирањето на производи во медиумската содржина, па затоа е поретко прекриеното рекламирање.

Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги смета дека денес почести прекршувања има кај радијата кои, кога читаат ПР текстови ги пласираат во програма како прилог, што според неа, е класично заведување на јавноста.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.