Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер за еден месец има решено 250 претставки од вкупно 750, додека паралелно работат на нови поплаки кои ги решаваат според рокот предвиден со закон, односно 15 дена.

Директорката на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, Пламенка Бојчева, вели дека работата на поранешната Комисија за слободен пристап е деблокирана, односно Агенцијата сега веќе работи на решавање на поплаки кои од минатата година кои стоеле во фиоки, бидејќи Комисијата немаше Совет да ги разгледа истите.

„Вкупно имаме 750 поплаки наследени од 2018 и 2019 година. Работата ја поделивме во три фази, и сега сме при крај на првата фаза, односно со првите 250 поплаки, потоа ќе продолжиме со останатите. Во текот на следната недела ќе бидат разгледани сите поплаки од првата фаза“, вели Бојчева, додавајќи дека се очекува сите поплаки да бидат разгледани во рок од еден или два месеца.

Агенцијата, покрај разгледувањето на наследените поплаки, работи и на новите поплаки.

„Откако сум на чело на оваа институцијата, пристигнати се над 30 претставки и сите ги разгледуваме во законскиот рок, односно во рок од 15 дена. Со новиот закон обврзани сме да и старите поплаки ги решаваме согласно новиот закон, и затоа работата малку ни се одолговлекува, бидејќи тие фактички тие еднаш се изработени со стариот закон, но сега, согласно овој закон треба повторно да ги работиме од нула“, додаде Бојчева.

Директорката исто така рече дека извештајот за 2019 година ќе биде доставен во март и дека таму ќе се објасни состојбата што постоела, имено дека во текот на 2019 година биле решени само над 20 предмети, затоа што Комисијата разгледувала жалби само во една сесија во 2019 година.

Инаку, по неколку месечната блокада, кон крајот на декември 2019 директорката Бојчева беше избрана на чело на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, чија цел е заштита и остварување на уставното право на слободен пристап до информации преку независна и ефикасна постапка за поплаки, преку информирање на јавноста, постојана едукација на имателите на информации, но и преземање мерки за подобрување на правната рамка, особено во делот на промовирање и поттикнување на транспарентност, но и отвореност на имателите на информации за сеопфатно информирање на граѓаните.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.