Неколку десетици мигранти успеале во обидот илегално да ја преминат границата од Грција во Македонија, која е затворена во февруари, известува агенцијата „Франс прес“.
Фоторепортер на агенцијата видел група мигранти во Гевгелија кои дошле од Идомени. Тој видел едно лице како излегува од грмушките, а потоа видел уште две или три лица, а по нив уште 50.
За да стигнат до Гевгелија, мигрантите од Идомени патувале три часа, а морале и да преминат една река.
Групата мигранти, меѓу кои имало и многу жени и деца, изгледале уплашени и уморни.
Од Министерството за внатрешни работи во изјава за „Франс прес“, велат дека не знаат за ваков инцидент.
– Немам такви информации. Но, овие илегални обиди за преминување на границата се случуваат секојдневно и полицијата презема мерки за да ја заштити границата – вели портпаролот на МВР, Тони Ангеловски.