Процесот на ратификација на Протоколот за наше полноправно членство во НАТО оди со добра динамика, во јуни очекуваме американскиот Сенат да го ратификува протоколот и јас сум сигурен дека уште оваа година, ние и формално ќе станеме полноправна членка на НАТО Алијансата. Односно, на самитот на НАТО во Лондон во декември, знамето на Република Северна Македонија ќе се виори на јарболот заедно со другите знамиња на членките на алијансата како триесетта членка.

Тоа го порача претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето обраќање на Специјалниот семинар за Република Северна Македонија на тема „Следните чекори кон НАТО“, кој се одржува во Собранието.

Тој, сепак, предупреди дека не треба да се гледа само на придобивките, туку и на обврските, кои мора да се исполнуваат.

-Со тоа една од нашите две стратешки определби, односно членството во НАТО и ЕУ е остварена, а јас се надевам дека годинава ќе ги започнеме и преговорите за интеграција во ЕУ. Нема да зборувам за бенефитите што како држава и како општество ќе ги имаме со нашето членство во НАТО, бидејќи за тоа е зборувано многу. Сакам да истакнам дека, со нашето членство во НАТО, не завршуваат нашите „домашни задачи“. Напротив, полноправното членство во НАТО налага исто така многу работа, дома, во регионот, а и во структурите на НАТО алијансата -рече Џафери.