Асоцијацијата на европските новинари – Бугарија (АЕЖ Бугарија) вчера почна кампања за собирање донации за бугарскиот онлајн-медиум mediapool.bg, кој се соочува со форма на притисок, односно процес-шлаканица „SLAPP“ (Strategic Lawsuit Against Public Participation), почнат од бугарска осигурителна компанија, која бара отштета од еден милион лева (околу 500.000 евра).
Само за медиумот да може да учестувува во процесот, пак, ќе треба да обезбеди околу 20.000 евра.
Во случај од оваа донациска кампања да останат пари, тие ќе послужат за основање Фонд за правна помош за медиуми и новинари.
Рекордниот износ на отштетното барање е дополнително „влошен“ од судските трошоци, а Медиапул e мал независен медиум, кој веќе извесно време бара донации од читателите за своето редовно функционирање.
Парите што осигурителната компанија „Лев Инс“ ги бара, во овие услови, се просто незамислив износ за медиумот, велат од АФЖ Бугарија.
„Огромната сума што тужениот треба да ги обезбеди за да може соодветно да учествува во процесот, е веројатно и една од целите на осигурителната куќа за поднесувањето толку големо побарување. Станува збор за десетици илјади левови“, порачуваат од АЕЖ Бугарија.
Според сегашните пресметки, ќе бидат потребни 40.000 лева (околу 20.000 евра), односно 4 отсто од износот на отштетното побарување.
„Една голема компанија или еден олигарх може да си дозволи да води такви процеси, без да одвои голем дел од своите ресурси. За еден новинар или за мала редакција, пак, такво дело може да биде сериозен товар, да им попречи да ја вршат секојдневната работа или едноставно да ги ликвидира“, коментира бугарската новинарска организација.
Целиот случај почнува со објавување информативен материјал од 27 септември 2022 година, во која се цитира и прераскажува стенограм од седница на бугарската влада. Стенограмот, инаку, бил јавно достапен на интернет.
Во него се дискутира за мерки што треба да се преземат во врска со одредени плаќања во рамките на системот за „Зелениот картон“ за автоосигурување, што пак е дел од обврските на Бугарија од Валутен механизам ІІ како дел од подготовките за влегување на Бугарија во еврозоната, односно замена на левот со еврото како национална валута. На владината седница, бугарската министерка за финансии Росица Велкова предупредува дека не се преземени чекори од Националното биро на бугарските осигурувачи на автомобили нои од „Лев Инс“ поради што се заканува опасност Националното биро да биде исфрлено од системот „Зелен картон“ и од 2023 година да престане издавањето на оваа полиса од страна на бугарските осигурувачи.
Среде целиот притисок, mediapool.bg јавно прашува колкав е долгот на „Лев Инс“ кон Националното биро и другите учесници во системот „Зелен картон“, колку бирото трееба да плати и за колкав износ е спорот. Новинарката дополнително прашува зошто не се наоѓа решение на проблемот поради кој повеќе години Бугарија редовно добива закани да биде исклучена од системот „Зелен картон“ поради долговите на „Лев Инс“ кон бугарски и странски правни субјекти.