Аерозагадувањето од индустријата на годишно ниво во ЕУ предизвикува стотици милијарди евра штети

Фото: Martin Sepion на Unsplash

Загадувањето на воздухот од индустријата на годишно ниво предизвикува штети од стотици милијарди евра во земјите-членки на ЕУ, јавува Еуроактив. Податоците на Европската агенција за животна средина покажуваат дека во 2017 година штетите по животната средина и здравството се проценило дека изнесуваат помеѓу 277 и 433 милијарди евра.

Ваквите штети се еднакви на околу 2-3 проценти од вкупниот бруто-домашен производ на ЕУ, при што Европската агенција за животна средина појаснува дека и покрај значителниот напредок на индустријата во намалување на влијанието врз животната средина и климата, штетите на општествено ниво предизвикани од аерозагадувањето остануваат високи.

Во Извештајот на Европската агенција за животна средина посебна вредност изразена во евра им е дадена на сите болести што ги предизвикува аерозагадувањето, смртта на жителите како последица од болестите, но и уништувањето на еколошките системи, земјоделските посеви и други штети што произлегуваат од загадувањето.

Од 30-те најголеми загадувачи на воздухот што се евидентирани на ниво на ЕУ, дури 24 се термоелектрани на јаглен, од кои 15 биле лоцирани во западноевропските земји вклучувајќи и седум во Германија. Термоелектраната која што најмногу загадува на ниво на ЕУ се наоѓа во Полска, но следните четири биле лоцирани во Германија.

Дури 67 отсто од штетите предизвикани од индустријата поради аерозагадувањето доаѓаат од енергетскиот сектор, првенствено од термоелектраните.