Фото: Архива на Мета

Стрмоглав пад на бројот на превезени патници од двата македонски аеродрома што не е забележан во последнава деценија. Ковид-19 пандемијата во 2020 година предизвика огромни штети во авиосообраќајот во земјава, кои се мерат во намалување на бројот на патници за околу 1,9 милиони. Според податоците на Државниот завод за статистика, во изминатите 12 месеци од двата аеродрома биле превезени 781.327 патници. Притоа, на Меѓународниот аеродром Скопје имало 709.241 патник, додека лани низ портите на охридскиот аеродром минале 72.086 патници.

Намалувањето на бројот на патници се случува првпат од доаѓањето на турскиот концесионер ТАВ во земјава и преземањето на двата аеродрома, како и по изградбата на новата терминална зграда на Меѓународниот аеродром Скопје. Поаѓајќи од постојниот ред на летање, кој е предмет на чести промени од авиокомпаниите, не се очекуваат значајни промени во поглед на бројот на патници и во првиот квартал на 2021 година.

Некои авиокомпании, како што е „Катар ервејс“, дури и од сега најавија дека со почетокот на вообичаениот летен ред на летање на крајот од март нема да се вратат на скопскиот аеродром. Па така, повторното воспоставување на летовите меѓу Скопје и Доха наместо на 28 март, предвидено е да стартува на 6 јуни годинава..

Кризата во авиосообраќајот ќе потрае, велат прогнозите на „Евроконтрол“ за периодот до 2024 година. На европско ниво, бројот на летови според најоптимистичкото сценарио би можел да ги достигне постигнатите бројки од 2019 година дури во 2024 година. Ваквото сценарио на „Евроконтрол“ се заснова на можноста вакцините против ковид-19 да бидат широко достапни за патниците од целиот континент до претстојново лето.

Сепак, „Евроконтрол“ прогнозира дека доколку вакцинирањето на населението во Европа се одолговлечи до летото 2022 година, тогаш авиосообраќајот на континентот нема да закрепне до 2026 година на нивото на кое беше пред појавата на ковид-19 пандемијата. Уште пострашно, песимистичкото сценарио вели дека доколку вакцините не се ефективни во борбата против корона вирусот, тогаш бројот на летови што беа реализирани во 2019 година ќе бидат достигнати во Европа дури во 2029 година.

„Прогнозата покажува дека еволуцијата на воздухопловниот сектор е силно зависна од тоа колку брзо ефективна вакцина ќе постане нашироко достапна и од нивото на доверба на јавноста“, велат од „Евроконтрол“.

Инаку, „Мета.мк“ изминатава есен веќе пишуваше за проблемите со кои се соочува авиосообраќајот во земјава како резултат на ковид-19 пандемијата. Тогаш разговаравме и со директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство Томислав Тунтев, кој посочи дека физичкиот обем на сообраќај на нивото на 2019 година во земјава би можел да се постигне најрано кон крајот на 2023 година, под услов да има координиран пристап, особено на државите во ЕУ, во однос на мерките за заштита од ковид-19, но и подобрување на здравствената заштита од овој вирус на глобално ниво.