Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) распиша меѓународен тендер за избор на компанија која ќе изработи научна студија – „Влијанието на зрачењата од телекомуникациските уреди и технологии врз здравјето на луѓето и околината – животната средина која не опкружува (4Г, 5Г)“.

Тендерот е објавен во Бирото за јавни набавки, а заинтересираните компании кои ќе ги исполнат бараните критериуми zа стручноста, искуството и експертизата, своите понуди ќе можат да ги доставуваат до 22 декември. Избраната компанија со која ќе биде склучен договор ќе има обврска во рок од шест месеци да ја изработи студијата која ќе биде и основа за понатамошни чекори кои ќе ги презема АЕК, врзани за развој на безжичните телекомуникациски мрежи во земјава.

„Иако, реално, 5Г за обичниот граѓанин ќе значи само надградба на 4Г мрежата којашто сега е во функција, сепак во АЕК постојано пристигнуваат поплаки мотивирани од страв од новата генерација 5Г мрежи и барања да се отстранат антени. И мобилните оператори имаат проблеми во поставувањето на антени за 4Г мрежа кои се инсталираат за подобра покриеност и подобри услуги. Денес веќе е дојдена ситуација дотаму што секој нов предавател се смета дека е антена за 5Г мрежа. Па дури двe антени без запалени. Затоа и решивме да распишеме меѓународен тендер за избор на компанија која ќе направи сеопфатно истражување, мерење и анализа за влијанието на 5Г мрежата врз здравјето на граѓаните. Веруваме дека со неа ќе имаме документ каде точно ќе се знае што е во интерес на граѓаните и како стојат работите со 5Г мрежата“, вели Сашо Димитријоски, директор на АЕК.

Според соопштението од АЕК, територијата на Македонија е покриена со 2Г, 3Г и 4Г мрежа, а операторите се во фаза на подготовки за изградба на 5Г, понатаму и 6Г и други генерации на мрежи.

„Научната студија треба да докаже и прикаже дали до денес постојат или се докажани некакви здравствени ризици од изложување на RF EMF зрачења, од јавните здравствени агенции и СЗО. Таа треба да опфати и теоретски објаснувања и видови на зрачења, европската регулатива, директивите од меѓународни организации за телекомуникации, приказ на развој на мобилните технологии, научни стандардизации како и примери од земји кои имаат 3, 4 и 5Г мрежи и друго“, соопштија од АЕК.