Директорот на АЕК, Сашо Димитријовски, ѝ доделил донации на Велосипедската федерација, на која тој е претседател, а од вкупно 180 милиони денари донации, Агенцијата дала 175 милиони денари или 2,8 милиони евра на ЈСП, за изградба на панорамското тркало, покажува извештајот од надзорот спроведен од невладините организации „Евротинк“, „НВО Инфоцентар“, „Транспарентност Македонија“ и Хелсиншки комитет за човекови права.

На презентацијата на извештајот од надзорот на четирите невладини организации, извршниот директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Бардил Јашари, кој зборуваше за Агенцијата за електронски комуникации, рече дека регулаторните тела треба да се ефикасни и транспарентни и дека на тој начин корисните информации ќе стигнат до граѓаните.

– Веб-страницата на АЕК треба да е ефикасна и ефективна. Освен организирање на консултативни состаноци, граѓаните и невладините организации треба да се информирани или „вооружени“ со информации. АЕК треба да ги користи социјалните мрежи за дистрибуција на информации, а не само да се објават информациите и само одредени луѓе кои се заинтересирани да ги гледаат – рече Јашари.

Според организациите што го вршеле надзорот, за донациите на АЕК нема информации за критериумите според кои се доделуваат, за подносителите на барањата, за целта на донациите и за износот на побараните и одобрените средства.