Адвокатскиот тим на Зоран Заев го добил решението од Кривичниот суд за формално запирање на постапката за случајот „Пуч“, откако Специјалното јавно обвинителство донесе одлука за откажување од обвинението.

Ова денеска го потврди лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој рече дека очекува наредните денови и тој да го добие решението од судот.

И од Специјалното јавно обвинителство денеска за „Мета“ потврдија дека го добиле решението од судот за запирање на постапката за „Пуч“.

Специјалното јавно обвинителство се откажа и го повлече обвинителниот акт за случајот „Пуч“ на 18 јануари.

Тогаш информираа дека причина за ваквата одлука е тоа што „фактичката состојба прикажана во обвинителниот акт е во спротивност со доказите со кои тие располагаат“ и со наодите на обвинителството во истражните постапки „Таргет“ и „Тврдина“.