Вториот пензиски столб е стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење и има значајна улога во обезбедувањето финансиска сигурност за идните ензионери, Идната пензија на секој поединец зависи од неговото сопствено учество во системот – времето на осигурување, работниот стаж и платата на која бил пријавуван низ годините, како и приносите кои ги остваруваат пензиските друштва кои се условени од сѐ уште конзервативната законска рамка, a rазвојот на системот би требало да вклучува регулаторни промени со воведување на мултифондови, промени кај лимитите за инвестирање и листата на дозволени инструменти, но и понатамошно
развивање на доброволното пензиско осигурување.

Ова се клучните поенти од брифингот на Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ) кој беше одржан денес, а во светло на зголемениот интерес на јавноста поврзан со пензискиот систем во државата.

Претседателот на Асоцијацијата, Маријан Николовски на брифингот истакнал дека целта на пензиската реформа од пред две децении, со пренесувањето на одговорноста за исплата на дел од старосната пензија кон задолжителните пензиски фондови од вториот столб, била да се постигнат значајни придобивки, како што се обезбедување стабилност на пензискиот систем на долг рок, ублажување на демографските и финансиските ризици кои се поврзани со неговото функционирање.

„Вториот пензиски столб е воведен токму за да помогне за стабилизација на системот. За да може да функционира самостојно државниот фонд, на еден пензионер треба да има најмалку тројца вработени кои уплаќаат придонеси. Ние веќе долг период сме далеку од тој сооднос и поради тоа парите што недостасуваат за исплата на пензии се обезбедуваат од државниот буџет за да може да се врши тековна исплата на пензиите. За да не зависиме во иднина само од идните вработени и да го намалиме делот за исплата што се обезбедува од буџетот, се
воведе вториот столб. Во него се уплаќаат 6% од бруто платата, што е нешто помалку од една третина од вкупниот придонес за пензиско. Тие пари се штедат на индивидуални сметки, се инвестираат тековно и во иднина ќе се користат за исплата на дел од пензијата. Остатокот останува во ПИОМ и се користи за исплата на сегашните пензии“, нагласил Николовски на брифингот.

Николовски додал дека една од најголемите придобивки на вториот пензиски столб е тоа што средствата на индивидуалните сметки се личен имот на осигурениците и можат да се наследуваат, а секој член во секое време има увид во својата пензиска заштеда преку „Зелениот плик“ и личниот онлајн профил.

Весна Стојановска, заменичката претседателка на АДПФ, на брифингот зборувала за стабилноста на вториот пензиски столб, нагласувајќи дека таа се темели на внимателното управување со средствата на членовите, остварувањето одржливи приноси и воспоставениот систем на надзор и заштита.

„Вториот пензиски столб претставува стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење. Според последните податоци на МАПАС, заклучно со 30 јуни 2026 година, во задолжителните пензиски фондови членуваат 637.977 осигуреници. Истовремено, бројот на лица кои веќе користат пензија од вториот пензиски столб изнесува 146, што е очекувано ако се има предвид дека системот функционира од
2006 година и постепено созрева. Просечниот принос што го остваруваат задолжителните пензиски фондови изнесува повеќе од 5,5% годишно. Овој резултат е споредлив со приносите што ги остваруваат пензиските фондови во повеќе европски држави со сличен начин на инвестирање. Кај пензиското штедење најважен е долгорочниот принос, бидејќи средствата се инвестираат со децении и токму сложеното пресметување на приносите има најголемо влијание врз идната пензија“, изјави Стојановска.