Екс-министерот без ресор во владата на премиерот Заев, Аднан Ќахил, кој беше член на работната група за справување со проблемот со линданот, а воедно и поранешен главен инженер во ОХИС, уште на почетокот на годинава во интервју за „Мета“ предупреди дека во фабриката има многу отровни супстанции, кои можеби се добро складирани но тоа не значи дека не треба да се отстранат бидејќи може да се случи инцидент и да протечат.

„Во ОХИС има многу отровни супстанци, има жива, има монохлороцетна киселина има пестициди, хербициди, фунгициди, полиакрил, естери, ПВЦ во прав и многу други супстанци, постои цела листа на хемикалии кои ги има ОХИС“, изјави Ќахил пред речиси една година.

Тој предвиде дека дел од овие складирани отровни материи во ОХИС ќе се продадат „бидејќи се во пакувана форма, но друг дел, најверојатно се расфрлани некаде“.

Вчерашниот инцидент со излевањето на опасната хемикалија метил акрилат мономер при нејзино препакување со намера биде извезена ги потврди мислењата на Ќахил. Инаку метил акрилатот е високо-запаллива течност која е безбојна но има исклучително силен мирис. Таа е опасна по здравјето и животот на луѓето, и се третира по строги правила.

Иако од Министерството за животна средина смируваа со пораки дека нема место за паника и состојбата во ОХИС по инцидентот е целосно под контрола, оттаму нема никакви информации за процесот на отстранување на опасните материи и нивен извоз во странство.

Директорот на компанијата „Екоцентар 97“, Владо Момировски во изјава за Тв24 посочи дека станува збор за владин проект за отстранување на стари хемикалии заостанати како опасен отпад од пред 20-30 години. „Ние го добивме тендерот и работиме. Хемикалиите се спакувани, сега чекаме дозволи од 7 држави, во Швајцарија ќе се согоруваат“, рече Момировски во изјавата за Тв24.

Неколку часа пред јавноста да дознае за несреќата, од Канцеларијата за перзистентни органски загадувачи (ПОПс) при Министерството за животна средина соопштија дека се одложува за еден месец рокот за доставување понуди на меѓународниот тендер за чистење на малата депонија со линдан сместена на просторот на некогашен ОХИС.

Тендерот беше објавен од страна на УНИДО (Организацијата за индустриски развој на Обединетите нации) на 15 октомври и требаше да биде затворен на 11 ноември, но вчера УНИДО реши да го продолжи до 16 декември.

Инаку, еколошкиот проблем во ОХИС е стар пет децении. За најголема закана по здравјето на луѓето се сметаат двете депонии со 60.000 тони линдан помешан со земја во кругот на фабриката. Ова е прв пат една македонска влада да се зафати со решавање на овој проблем. Пред околу еден месец, за прв пат од државниот буџет беа одвоени еден милион евра за справување со линданот, но тоа е само мал дел од потребните средства.

Покрај двете депонии во кругот на фабриката, новинарите на новинската агенција Мета открија дека во месноста Пеленица во Драчево постои уште една дива депонија на линдан. По пишувањата на медиумите, депонијата во Драчево беше оградена а Министерството за образование забрани да се одржуваат детски екскурзии во манастирот кој се наоѓа во близина на дивата депонија.

Интервјуто со Аднан Ќахил е направено во јануари годинава, неколку дена пред тој да биде разрешен од функцијата министер без ресор по барање на премиерот Зоран Заев.