Адмирал Бурк: НАТО разгледува можности за помош со вакцини против ковид-19

Извор на фотографија: Влада на РСМ

НАТО бара начин да помогне во снабдување со вакцини, рече денеска адмирал Роберт Бурк, командант на Сојузничката команда на здружени сили во Неапол, кој дојде во Скопје за утрешната свеченост по повод првата годишнина на македонското членство во Алијансата.

– Често зборуваме за тоа, и на политичко и на воено ниво, постојат механизми, покрај националните напори. Како што се зголемува бројот на одобрени вакцини и можностите за нивно производство, ќе имаме повеќе можности да помогнеме да се олесни овој процес. Разгледуваме повеќе можности, се работи динамично на тоа – рече Бурк одговорајќи на новинарско прашање по средбата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска Јанковска.

Бурк додаде дека повеќе сојузници имаат потреба од вакцини. Во вторникот, Полска донираше вакцини за имунизација на персоналот во седиштето на НАТО во Брисел и за неколку тамошни органи на Алијансата.

Зборувајќи за годишнината од пристапувањето на Македонија во Северноатлантската алијанса, Бурк, кој утре ќе ги претставува другите 29 сојузници, оцени дека земјава имала „фантастична прва година“, во која постигнала многу работи за многу кратко време. Тој се заблагодари за македонското учество во операциите на НАТО, и сегашните, но и оние во минатите две децении, за кои станало збор на средбата со Шекеринска.

– Зборувавме и за други начини на кои Северна Македонија би можела да придонесе, во момент кога се менуваат заканите со кои Алијансата се соочува. За нас се многу важни уникатните можности што ги има вашата армија – рече Бурк.

И адмирал Бурк и министерката Шекеринска ја истакнаа соработката и придонесот на Канцеларијата за врски на НАТО, која по цели две децении работа во Скопје, денеска се затвора.

– Денеска сте членка (на НАТО). Нивната работа тука е завршена – рече Бурк.