Административен проблем ги стави вон функција алките за домашен притвор

????????????????????????????????????

Се бара решение за тоа како да се склучи договор со идниот одржувач на алките за домашен притвор, кои иако набавени пред три години, се’ уште не можат да се употребуваат. Алките, нови, неупотребени, стојат во затворот Идризово.

Директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стојановиќ вели дека овие 400 алки, вредни 1,5 милиони евра, ќе можат да се одржуваат со пари обезбедени од владата. Но, проблем е како административно да се склучи договор.

– Се прават напори како според законот за јавни набавки да се испочитува договорот и конечно овие алки предвидени и во законот за пробација донесен во 2016 година, да профункционираат – изјави денеска Стојановиќ.

Алките кои ги има Управата за извршување на санкции се периметарски, без GPS систем за следење, набавени пред три години.

– Тие не се ставени во функција од причина што немаме одржување за тие алки. Владата ни помогна и во 2018 и 2019 година, ни имаат дадено на располагање средства за одржување. Проблематично е согласно законот за јавни набавки како да се испочитува тој договор. Се надеваме дека во првите месеци од 2019 година ќе го надминеме тој проблем и конечно ќе бидат ставени во функција тие алки за домашен притвор – информираше Стојановиќ.

Директорот за извршување на санкции беше денеска во Штип, на средба со градоначалникот Благој Бочварски во функција на заживување на соработката на институциите со регионалните канцеларии за пробација, кои работат веќе неколку месеци. Македонските судови избегнуваат да изрекуваат алтернативни казни, поради тоа што и системот на корисници на услуги од овој систем не е до крај заокружен.