Бројот на вработени во јавниот сектор, според македонската дефиниција, пораснал за 3.750 од 2015 до 2018 година, откако се води регистарот за вработените во државните установи и претпријатија. Но, покрај оваа бројка, која се пресметува со вкрстување на податоци од низа извори, во 2017 година за прв пат е објавено дека  над 10.200 лица се ангажирани со договор за привремено вработување или се вработени во државни акционерски друштва.

Таа година јавноста прв пат дозна дека околу 8,663 лица се вработени во акционерските друштва во целосна државна сопственост, но и уште 1,624 лица кои се привремено ангажирани преку агенциите за вработувања. Веќе следната, 2018, година бројот на привремено ангажирани пораснал на 2.439 лица односно за 50 проценти.

Овие две категории не влегуваат во вкупната бројка вработени во јавниот сектор, исто како и избраните и именувани функционери – пратеници, министри, заменици министри, градоначалници, претседатели и членови на државни комисии, директори, судии, јавни обвинители и други избрани или именувани лица.


Така, македонскиот регистар на вработени во јавниот сектор не ги вклучува сите оние што добиваат плата од државата, односно од даночните обврзници или граѓаните.

Според годишните извештаи од регистарот, кои ги подготвува Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), македонскиот јавен сектор за три години пораснал за 3 проценти. Во 2015 година броел 128.347 вработени, а во 2018 година стасал до 132.068 лица, или 3.721 вработен повеќе.

Но, оваа бројка не е целосна. Иако МИОА во извештајот за 2017 година за прв пат ја објавува бројката на привремено ангажирани и вработени во државни претпријатија, истовремено нагласува дека не се сметаат за вработени во јавниот сектор.

„За прв пат во овој Извештај Министерство за информатичко општество и администрација ја информира јавноста и за бројот на вработени преку Агенциите за привремени вработувања и во Акционерските друштва“, велат од МИОА во самиот извештај и додаваат дека „овој број, исто како за работно ангажираните преку агенциите за привремени вработувања во институциите на јавниот сектор не влегува во анализите содржани во овој извештај“.

И покрај тоа што министерството не ги вклучува овие вработени во анализите од извештајот за регистарот на вработени во јавниот сектор, со откривање на овој податок реалната бројка на „државно“ вработени е повисока за најмалку 14.837 лица. И сето тоа без функционерите.