Администрацијата на Трамп замрзна двe милијарди долари финансирање за Харвард откако универзитетот ги одби нивните барањата

Ова е првиот голем американски универзитет што отворено се спротивставува на притисокот од администрацијата на Трамп да ги промени своите политики

Фото: David Adam Kess, CC BY-SA 4.0, via Wikimedia Commons

Администрацијата на Трамп соопшти дека замрзнува повеќе од 2 милијарди долари федерални средства за Универзитетот Харвард, само неколку часа откако елитниот колеџ ги одби барањата од Белата куќа, пренесува Би-Би-Си.

Минатата недела Белата куќа испрати список со барања до Харвард, за кои рече дека се со цел борба против антисемитизмот на кампусот. Барањата вклучуваа промени во управувањето, практиките за вработување и процедурите за прием.

Од Харвард ги одбија барањата и соопштија дека Белата куќа се обидува да ја „контролира“ нивната заедница.

Ова е првиот голем американски универзитет што отворено се спротивставува на притисокот од администрацијата на Трамп да ги промени своите политики. Сеопфатните промени кои ги бараше Белата куќа ќе ја трансформираа неговата работа и ќе предадеа значителен дел од контролата на владата.

Претседателот Трамп ги обвини водечките универзитети дека не ги заштитуваат еврејските студенти, откако универзитетските кампуси беа погодени од протести против војната во Газа и американската поддршка за Израел минатата година.

Во писмо до заедницата на Харвард, претседателот на универзитетот Алан Гарбер напиша дека Белата куќа во петокот испратила „ажуриран и проширен список на барања“ заедно со предупредување дека универзитетот „мора да се усогласи“ ако сака да ја задржи својата „финансиска врска“ со владата.

„Ја информиравме администрацијата преку нашиот правен советник дека нема да го прифатиме нивниот предложен договор,“ напиша тој. „Универзитетот нема да се откаже од својата независност ниту да ги напушти своите уставни права.“