Администрацијата на Трамп ги повлекува речиси сите вработени во УСАИД ширум светот

Овој процес го водат политички назначени лица од првиот мандат на претседателот Доналд Трамп и тимови за владина ефикасност поддржани од милијардерот Илон Маск, кои тврдат дека голем дел од средствата за меѓународни програми се непотребно трошење

-

Администрацијата на Трамп во вторникот соопшти дека ќе ги повлече речиси сите вработени во Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) со што речиси ќе стави крај на шестдецениската мисија за зајакнување на американската безбедност преку борба против гладот, финансирање на образованието и справување со епидемии, пренесува Асошиејтед Прес.

Администрацијата ги извести сите вработени на УСАИД преку е-пошта, и известување објавено онлајн на официјалниот сајт, што претставува најнов чекор во постепеното демонтирање на агенцијата.

Овој процес го водат политички назначени лица од првиот мандат на претседателот Доналд Трамп и тимови за владина ефикасност поддржани од милијардерот Илон Маск, кои тврдат дека голем дел од средствата за меѓународни програми се непотребно трошење.

Наредбата стапува на сила во петок, непосредно пред полноќ, а вработените на агенцијата ширум светот, имаат 30 дена да се вратат дома, освен ако не се сметаат за неопходни. Според известувањето, истото важи и за работниците со договор на дело, кои ќе бидат отпуштени доколку не се прогласени за суштински неопходни.

Овој потег беше предмет на шпекулации неколку дена и претставува најекстремната од неколкуте предложени опции за спојување на агенцијата со Стејт департментот. Други можности вклучуваа затворање на помалите канцеларии на УСАИД и делумно затворање на поголемите мисии.

Илјадници вработени во УСАИД веќе беа отпуштени, а програмите ширум светот запрени откако Трамп воведе сеопфатно замрзнување на странската помош. И покрај негодувањата од демократските законодавци, агенцијата беше посебна мета на новата администрација и на одделот за владина ефикасност, предводен од Маск, кои се стремат да ја намалат федералната влада.

Тие наредија запирање на трошењето што доведе до парализа на американски финансирани програми за помош и развој во светот, отпуштање и суспензија на раководството и работната сила, како и затворање на седиштето во Вашингтон во понеделникот. Законодавците изјавија дека серверите на агенцијата биле отстранети.

Масовното отстранување на илјадници вработени во странство и во Вашингтон ќе уништи проекти вредни милијарди долари во околу 120 земји, вклучително и безбедносна помош за партнери како Украина, како и развојни програми за чиста вода, обуки за вработување и образование, вклучувајќи го и образованието на девојчињата под талибанската власт во Авганистан.

САД се најголемиот хуманитарен донатор во светот, издвојувајќи помалку од 1 отсто од својот буџет за странска помош, што е помал процент отколку кај некои други земји.

Здравствените програми, како оние што помогнаа во искоренувањето на полиото и сипаниците, како и успешната иницијатива за ХИВ/СИДА, што спаси повеќе од 20 милиони животи во Африка, веќе се прекинати. Исто така, запрени се мониторингот и тимовите за брза реакција за заразни болести, како неодамнешната епидемија на ебола во Уганда.

Стотици милиони долари во храна и лекови, веќе испорачани од американски компании, останаа заглавени во пристаништата поради ненадејното затворање на агенцијата.

Демократските законодавци и други тврдат дека УСАИД е загарантирана со закон како независна агенција и не може да биде затворена без одобрение од Конгресот. Поддржувачи на агенцијата и од Демократската и од Републиканската партија велат дека нејзината работа во странство е клучна за спротивставување на влијанието на Русија, Кина и други ривали, како и за зајакнување на сојузништвата и партнерствата.

Во известувањето се наведува дека ќе се разгледуваат исклучоци за оние на кои им е потребно повеќе време, но со оглед на тоа што повеќето вработени во агенцијата наскоро ќе останат без работа, не е јасно кој ќе ги обработува таквите барања.

Тимовите на Маск го исклучија веб-сајтот на USAID пред неколку дена, иако тој повторно беше активиран вчеравечер, при што единствениот објавен документ беше известувањето за повлекување или отпуштање на вработените.

Оваа објава се совпадна со петдневната турнеја на државниот секретар Марко Рубио низ Централна Америка, каде што се сретна со персоналот на амбасадите и мисиите на УСАИД во две од најголемите канцеларии на агенцијата во регионот – Ел Салвадор и Гватемала, во понеделникот и вторникот.

На новинарите кои го придружуваа Рубио не им беше дозволено да присуствуваат на овие таканаречени „средби и запознавање“ во тие две земји, но им беше дозволено да присуствуваат на сличен настан во Панама во неделата, каде што Рубио ги пофали вработените, особено локалниот персонал, за нивната посветеност и служба.

На прес-конференција во вторникот, Рубио изјави дека „долго време поддржувал странска помош“ и дека „продолжува да ја поддржува“, но нагласи дека „странската помош не е добротворна работа“. Тој истакна дека секој потрошен долар од САД мора да ги унапредува националните интереси.

Во четврток во Лондон Северна Македонија и Обединетото Кралство ќе потпишат договор за стратешко партнерство

На 22 мај во Лондон владите на Обединетото Кралство и Северна Македонија ќе потпишат договор за стратешко партнерство, за што британскиот амбасадор Метју Лосон вели дека ќе биде „историски момент“ во...

Мирот во Украина се чини подалечен по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Путин

Разговорот што се најавуваше како дипломатски пресврт за претседателот на САД, Доналд Трамп, во обидот да се стави крај на војната во Украина, заврши со уште повеќе прашалници, и за неговата...

Најавена сеча на стотици дрвја во Градски парк – тие се суви или пред сушење, велат експертите

На помалку од шест месеци пред локалните избори во октомври, кога е речиси извесно дека Данела Арсовска ќе ја напушти функцијата градоначалник на Скопје, се отвори нова криза поврзана со зеленилото...

Започна со работа Националниот консултативен механизам за Реформската агенда

Првиот состанок на Националниот консултативен механизам за Реформската агенда (НКМ-РА) се одржа денеска во Europe House во Скопје и онлајн преку Zoom. Механизмот, воспоставен од Институтот за европска политика (ЕПИ) во...

Во четврток во Лондон Северна Македонија и Обединетото Кралство ќе потпишат договор за стратешко партнерство

На 22 мај во Лондон владите на Обединетото Кралство и Северна Македонија ќе потпишат договор за стратешко партнерство, за што британскиот амбасадор Метју Лосон вели дека ќе биде „историски...