Учениците од Северна Македонија постигнаа исклучителен напредок во резултатите
помеѓу двете последни ПИСА тестирања, изјави денеска министерот за образование и наука Арбер Адеми, по објавата на резултатите според кои државава се најде во последните 10 на ранг-листата од вкупно 77 држави, во читање со разбирање. Со меѓународната студија освен јазичната писменост кај учениците, се проверуваа и нивните знаења по математика, како и знаењата на учениците во областа на природните науки.

– Резултатите треба да нé радуваат, но и да нé мотивираат да го одржиме континуитетот во креирање и спроведување на длабински образовни реформи во секој сегмент, на секое ниво и од секој аспект. Овие резултати се најдобри досега, односно значително подобри во однос на резултатите кои нашите ученици ги постигнаа во изминатите две тестирања на кои учествуваа – рече министерот.

На ранг-листата земји од целиот свет кои учествуваа во ова истражување, нашите ученици според постигањата во читање се во друштво со нивните врсници од Саудиска Арабија, Тајланд, Баку, Казакстан, Мароко. Потпросечни се и постигањата на нашите средношколци по математика. Нашата земја според бројот на освоените 394 поени, е на 66 место, а просекот е 489. Пет места пред нас на листата е Босна и Херцеговина, а цели 18, односно 19 места пред нас се Албанија и Бугарија. Најдобри резултати нашите деца покажале по природни науки, каде сме рангирани на 63 место со 413 поени. Од земјитe во регионот, зад нас е само Босна и Херцеговина.