fbpx

Адеми: Парична помош за младите, наставниците да оценуваат исто како во училница

-

Владата во рамки на третиот пакет економски мерки, за директна поддршка на младите лица, предвиде доделување три типа ваучери за средношколци, студенти и за млади лица до 29 години, најави на прес-конференција министерот за образование и наука Арбер Адеми. Оваа мерка се очекува да им помогне и да им ја олесни состојбата во која се наоѓаат младите и полесно да се прилагодат на новата реалност.

– Првиот тип ваучер од 6.000 денари ќе се доделува на средношколци и студенти од семејства со ниски примања, за покривање на трошоците за партиципација, за студии и сместување во ученички или студентски домови. Вториот тип на поддршка е платежна картичка од 3.000 денари за студентите и ќе се користи за купување на домашни производи во одредени услужни дејности кои се најпогодени од кризата. Третиот ваучер од 30.000 денари е за млади лица до 29 години, за кофинансирање на обуки, тренинзи и курсеви за ИТ и дигитални вештини кои се потребни и барани, а сега веќе нивното поседување е основен услов за наоѓање работа било каде – кажа Адеми.

Влогот за овие три мерки ќе биде 12 милиони евра, а со неа ќе бидат опфатени околу 100.000 корисници. Министерството пристапува кон разработка и дефинирање на план за да се реализира ова во јуни, односно до крајот на јули.

Во врска со наставата т.е. начинот на оценување и полагање испити, Адеми истакна дека во овој период на пандемија сите владини одлуки и решенија биле водени од најдобриот интерес на учениците, професорите и студентите.

– Уште од почетокот на пандемијата одлучивме целиот образовен процес да се одвива онлајн, имајќи предвид дека секој треба да продолжи со образовната надградба.  Треба да се обезбедат технички услови за да се обезбеди кредибилитет на оценувањето. Ние сме во комуникација со факултетите и ако се одлучиме да им дадеме можност да организираат испити, т.е. јунската сесија да биде со физичко присуство на факултет, тоа ќе биде по претходно изготвен протокол од Владата на предлог на Комисијата за заразни болести. Мора да се почитуваат препораките – додаде Адеми.

По одредени предмети нема можност да се организира полагање испити, бидејќи тоа бара работа во лабораторија или друг начин на работа. Затоа образовните власти не инсистирале да се реализираат испитите по секоја цена, рече Адеми.

– Сега како што се менуваат околностите, може да се променат мерките, во комуникација сме со интеруниверзитетската конференција за да најдеме решение. Инаку, од моментот кога се одлучивме за далечинско учење, си важи и тоа дека наставниците може да ги оценуваат своите ученици на овој начин. Има и упатство за оценување кое го направи Бирото за развој на образованието, во кое има насоки како да се изведе оценувањето. За оценувањето, во моментов важат сите обврски и права кои би важеле и во редовни околности, но без физичко присуство – појасни Адеми.

Уписите во прво одделение, како и во училиштата за средно образование ќе се случат во јуни, наместо како досега во мај.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...