Адеми: Користете неформална едукација додека трае кризниот период

Министерот за образование и наука Арбер Адеми, денеска на прес-конференција заедно со градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев ја посочи оваа локална самоуправа и училиштата под нејзина надлежност за пример кој треба да се следи од аспект на тоа како може да продолжи едукацијата на учениците додека училиштата се затворени.

„Образовните установи да изнајдат начини со кои ќе ја продолжат неформалната едукација на учениците и студентите додека трае кризната состојба предизвикана од ширењето на корона вирусот, а особено да се фокусираат на можноста за воведување на онлајн настава“, апелираше Адеми за искористување на можностите за неформална едукација.

Министерот истакна дека иако не постои можност за организирање на онлајн настава за сите ученици поради повеќе причини, пред сé поради недостапноста на интернетот во сите средини, но и поради тоа што сите ученици не поседуваат ИТ уреди или се едуцирани да ракуваат со нив, сепак, потребна е иницијативност и придонес од училиштата и општините со цел што повеќе ученици преку користење на интернетот и онлајн едукативните алатки да бидат опфатени со неформална едукација.

„Освен што споделивме бесплатни апликации, дигитални алатки и содржини за учење од дома, кои според информациите кои ги добивам веќе наоѓаат соодветна примена, на националниот телевизиски сервис МРТВ од вчера почна да се емитува едукативна програма наречена „ТВ училница““, рече Адеми, појаснувајќи дека трите канали на МРТВ започнаа да емитуваат едукативни содржини по предметите кои учениците ги изучуваат на училиште, додека за децата од претшколска возраст се емитуваат едукативни емисии и приказни согласно нивната возраст.

Едукативната ТВ програма во меѓувреме ќе се интензивира од аспект на застапеност во медиумскиот простор и ќе трае сé до стабилизирање на ситуацијата и повторно враќање на децата во училиштата и градинките.

Општина Карпош разви дигитална платформа за споделување на содржини преку Google drive кои би се изучувале во овој период од годината согласно наставните програми.

„Ги охрабрувам и другите општини да направат напори и да воспостават ваква платформа за едукација не само за одредени, туку за сите одделенија од прво до деветто. Секако дека овој начин на едукација е неформален и не може целосно да го замени формалното образование во училница, но е добра солуција образованието на учениците да не се прекине“, нагласи Адеми.

Градоначалникот Богоев рече дека училишта на територијата на Карпош почнале да ја применуваат платформата од вчера, за што е одржана обука на наставниците, а воедно изрази задоволство од нивниот интерес да се вклучат во оваа иницијатива и да продолжат да ги едуцираат своите ученици на еден поинаков начин кој го наложува актуелната ситуација.