По протестот на средношколците вчера, министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, рече дека барањето што тие го доставија до МОН ќе биде разгледано и дека матурантите преку дебата ќе бидат информирани за предностите на полагање државна матура. Тој додаде дека предметот математика во државната матура ќе биде на основно ниво.

– Се работи за основно ниво, а не за напредно ниво на математика. Во претходните години имаше ученици што избираа математика на основно ниво и ученици што избираа напредно ниво и немаше никаков проблем со проодноста. Така што, јас верувам во капацитетот на матурантите и дека тие можат да полагаат математика на основно ниво – изјави Адеми.

Тој рече дека секој матурат што ќе положи државна матура, може да се запише на кој било универзитет во Македонија или во светот, а преку математика може да се утврдат афинитетите на учениците за нивното понатамошно високо образование.

Вчера средношколците излегоа на протестен марш, на кој побараа да се стави во мирување екстерното тестирање и математиката да не биде задолжителен предмет на државната матура.

– Ова е првиот марш на „Средношколски пленум“, при што очекуваме одговор и од МОН и од Бирото за развој на образвоанието. Доколку не ни биде даден одговор, ние како пленум ќе разговараме и ќе одлучиме што најдобро би било да направиме понатаму. Овде не се собравме поради некои непознати причини, ние неколкупати искажавме дека таквите реформи не даваат плод. Доколку сакаме да имаме развиено општество, треба да инвестираме во образованието и во почетокот, а не во крајот – рече на вчерашниот марш средношколката Моника Пешеска од гимназијата „Раде Јовчевиќ-Корчагин“.