Адем Амети: Работам на проект што ќе предизвика револуција во такси превозот на Тетово 

фото: порталб.мк
фото: Порталб,мк

Адем Амети е младо момче од Тетово кое ги изненадува сите со своите технолошки иновации. Иако има само 22 години, тој за две години успеа да создаде 22 технолошки иновации. Адеми ги заврши студиите по мехатроника и сега е асистент на Тетовскиот Универзитет, пренесува Порталб.мк.

Сите креации на Адеми претставуваат големо изненадување. Проектите кои привлекоа најголемо внимание се стартирањето на автомобил со плескање на рацете, палењето преку свиреж, возењето со џојстик на „Sony“, палење и гасење на светлата преку гласовна команда и други.

„Тоа што најмногу ми се допаѓа е стапот за лица со оштетен вид. Овој стап ги ориентира луѓето, доколку се наоѓаат блиску до некој предмет, преку пуштање глас и со вибрирање, со што им помага да не се повредат“, рече Адеми.

Тој вели дека нема да застане со реализацијата на своите проекти. Пред неколку денови Адеми го објави и најновото откритие што им е од корист на исламските верници при нивните верски ритуали.

„Нема да застанам тука. Сега планирам неколку проекти, и тоа поголеми. Пред извесно време добив покана за средба со Ахмед Ќазими од Општина Тетово и со градоначалничката, Теута Арифи, на кои им го претставив проектот што го имав на ум за реализација, ми рекоа дека ќе ми помогнат, но ништо конкретно. Проектот се однесува на урбаниот систем, каде што секој ќе може да користи возило и да плаќа за времетраењето додека го користел, преку каса што ќе треба да се инсталира“, изјави Адеми.

Адеми, во моментов, работи на еден покомплициран проект што се однесува на управување со возило без возач. Овој проект досега е реализиран само од страна на Тесла. Адеми планира да произведе неколку вакви возила, што ќе ги заменат такси возилата во Тетово.