Васко Ковачевски фото: ЕСМ
Васко Ковачевски фото: ЕСМ

Во врска со актуелните прашања поврзани со акумулацијата „Тиквеш“, водостојот на езерото, производството на електрична енергија, наводнувањето на Тиквешко поле во следниот период, како и за другите дејности кои зависат од водата во оваа акумулација и нејзиното ниво, денеска, на иницијатива на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ), се одржа меѓуинституционален состанок во хидроелектраната „Тиквеш“ во Кавадарци на кој се утврдиле мерки за обезбедување на континирано ниво на Тиквешкото Езеро.

Како што информираат од компанијата, веќе некое време не се произведува електрична енергија од ХЕЦ Тиквеш, со цел акумулацијата да се исполни до котата 245 метри надморска височина (мнв), која што е потребна за непречено наводнување во вегетацискиот период.

„Денеска котата изнесува 242,52 мнв., што покажува дека во моментот има вода, а таа во следните денови ќе се зголемува. Со цел да се обезбеди пооптимална состојба на акумулацијата и задоволување на потребите на субјектите чии дејности зависат на зафаќање вода или на друг начин се поврзани со Тиквешкото Езеро, по обемната дискусија, утврдени се нацрт-заклучоци. Тие ќе бидат доставени до надлежните институции за реализирање и ќе бидат објавени, со цел  јавноста да знае за мерките што ќе се спроведат за обезбедување на континуирано одржување на повисоко ниво на Тиквешко Езеро“, стои во соопштението на АД ЕСМ.

На денешниот состанокот, покрај раководството на ЕСМ, присуствувале и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Аријанит Хоџа, пратеници од Тиквешијата, градоначалникот на Неготино, Тони Делков, директорот на ЈП Водостопанство Васко Стефанов, концесионери и други. Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев, бил телефонски координиран.