Комисијата за прашања за изборите и именувањата на Собранието ќе му предложи Максим Ацевски да биде главен државен ревизор.

Ревизорите работат без директор речиси две години, при што во изминатиов период во неколку наврати реагираа вработените, но и граѓанските организации.

За директор на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер Комисијата ја преложи Пламенка Бојчева, а за нејзин заменик Блерим Исени.

За директор на Дирекцијата за заштита на лични податоци е предложен Имер Алиу, а за заменик директор Игор Кузески.

На 15. Меѓународна конференција „E-Society.mk – Отворени институции и отчетност“ која беше во организација на Фондацијата „Метаморфозис“ беше побарано формирање на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, која треба да ја контролира отвореноста на институциите за пристап до информации од јавен карактер и се апелираше до Комисијата за избори и именување да ја формира Агенцијата. Тоа, како што беше истакнато, е важно бидејќи институциите назадуваат во однос на давање на информации според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.