Ацески: За неколку години ќе ги видиме вистинските последици од корона кризата во образованието

Фото: Бјанка Станковиќ

„Ова е голем удар за образованието. Нашите системи не се подготвени за вакви кризи, за вакви непредвидливи ситуации. Ние сме надвор од модерните текови на учење. Релативно сме технолошки опремени, но самите модели и пристапи не ги применуваме. Имате професори на Филозофски факултет кои се уште пишуваат со креда“, изјави за „Мета.мк“, пензионираниот унверзитетски професор и социолог, Илија Ацески.

Загрижен е што во моментов не е проблем технологијата, туку колку е подготвен материјалот да се пренесе во онлајн сферата. Неколку години наназад ги охрабрувал колегите да почнат да ги поставуваат материјалите електронски, односно се што може да се постави на интернет како содржина за одреден предмет. Ја предложил и идејата да го пренесат материјалот на англиски. Но сѐ ова, на ним им се видело како дополнително комплицирање на работата, па затоа и идејата пропаднала.

„Не сакаат луѓето да си ја рушат комоцијата. Тука е проблемот. Како да им ја рушите комоцијата на луѓе што така функционираат веќе 20 години? Невозможно е“ – вели професорот.

Тој го потенцира фактот дека голем дел од професорите немаат елементарна скица за својот предмет.

„Еве, повелете. Она што сум го предавал во текот на целата година, во електронска форма. Може да дискутираме тоа дали ќе чини или не, ама ако го немате за што ќе дискутирате воопшто? Некои колеги велат „добро е, имаме учебници“. Да, но како да направиме тие да бидат лесно достапни? Треба да ги адаптирате и транспортирате до таргетираните групи. Сега набрзина ќе се скрпи некаков материјал, но не е тоа – тоа. Затоа секој оној што изминативе 5-10 години работел во оваа сфера, треба тоа да го има сработеното и во електронска верзија, за да биде веднаш достапно во вакви ситуации“, додава тој.

Ацески смета дека и оттука произлегува коруптивноста на факултетите, а дека професорите не прават ништо во врска со овие проблеми.

„Едноставно е. Не вложувате напор, само дојди на испит и тоа е тоа, имало-немало предавање, пишете оцени и толку. Но сега нема каде, сега сме притиснати во ѕид. Сега мора нешто да се направи“

Праксата покажува дека голем дел од универзитетските професори функционираат на еден ист начин, што во вакви кризни моменти создава уште дополнителни комликации.

„Имате професори што 20-30 години работеле на еден ист начин. Што сега тој ќе постави на таа платформа, ако нема подготвено никаква електронска онлајн трага од материјалот што може да се употреби во момент на криза? Што сега ќе поставите како содржина? Кога немате силабус, немате модерна литература од понов датум. За некои предмети, учебниците се од пред 30-40 години. Тоа се застрашувачки факти“  – дециден е професорот.

Вели дека постојат по исклучок професори кои даваат напори, имаат обиди и бараат алтернативи за пренесување на знаењето преку онлајн алатки, но тие не ја формираат целината.

„Како професорот што предава 4-5 предмети сега ќе успее да ги објави тие содржини? Да, тој ќе склопи некој материјал – но не е тоа суштината. Она што со години се затскриваше и на него не се гледаше како проблем, сега е видливо. Нема бегање – ќе мора да се соочиме“, смета тој.

Но, корените на проблемот го лоцира и во оние основни сегменти. Најпрво го споменува фактот што дури и официјалните страни на факултетите при УКИМ не им ги даваат основните информации што им се потребни на студентите. А сега одеднаш се бара сѐ да оди преку електронски пат.

„Кога ќе ја отворите страната на Филозофски факултет, буквално изгледа како лична карта. Име на факултет, тук-таму по некоја информација и толку. Други информации, освен општата содржина на страница – две, другои да нема. За некои професори нема ни слика на сајтот. Буквално никаква содржина, како да не постои “, појаснува професорот.

Ги споменува и почетоците на воведувањето на Болоњскиот систем. Вели дека тогаш тоа било сфатено како систем со брзи предавања, каде сѐ изгледало поедноставно бидејќи на тој начин предметите стануваат едносеместрални, а материјалот се крати што е можно повеќе.

„Тогаш и се измислија маса предмети. За 8 семестри имате програми со 50 и 60 предмети. Се измисли професорот да има по 20-30 предмети. Како тој може да има неделна настава со 20 до 30 часови? Нормално дека може, ако не ја држите наставата. И како сега ќе го пренесете ова електронски? Оваа криза го исфрли проблемот на површина, како водата што го исфрла ѓубрето на брегот. Сега кога ќе се постават содржините, ќе се види неподготвеноста“ појаснува тој.

Професорот е убеден дека длабочината на кризата допрва ќе доаѓа до израз.

„Што да реформирате на руинирана зграда? Ние сега сме во ситуација на срушена зграда, а зборуваме каква боја да ставиме на фасадата или какви прозорци да наместиме? Не може така во образованието. Да дискутираме за ситници, а нема темели, нема столбови и основи. Факт е дека нашиот образовен систем не е подготвен за овој предизвик и ќе треба да излеземе попаметни и помудри од ова. А јачината на веќе постоечкиот систем односно, како тој ќе реагира во кризни состојби, ќе се види откако ќе настане хаосот“ – заклучува професорот.

Имено, Владата донесе уредби за основното, средното и високото образование со кои се огранизира наставата и оценувањето од дома. Предвидено е предавања, вежби, испрашувања, тестирања или индивидуалната настава да се одвиваат онлајн.