Премиерот на Австралија, Тони Абот, е уверен дека лидерите на Г20 ќе го исполнат ветувањето за издавање дополнителни 2.000 милијарди (2 билиони) долари за глобалниот домашен бруто-производ (БДП).

Според Абот, тоа ќе овозможи слободна трговија и зголемување на инвестициите во инфраструктурата.

Абот, кој е домаќин на дводневниот самит Г20 најразвиени земји во светот, рече дека би требало во следните пет години да се отворат неколку милиони нови работни места во светот и оти глобалниот БДП ќе се зголеми за повеќе од два отсто во тој период.

– Очекуваме неколку милиони нови работни места. Сакаме уште послободна трговија и уште поголема инфраструктура – рече Абот.

Земјите Г20, кои претставуваат 85 проценти од светската економија, се наоѓаат под притисок конечно да преземат конкретни мерки бидејќи, според аналитичарите, собирите на овие земји често завршуваат со „нејасно одредени цели“.