фото: ХЕРА
фото: ХЕРА

На Клиниката за гинекологија и акушерство од денеска е достапна алтернативната метода за прекин на бременоста со помош на медикаменти. Проектот за медикаментозен абортус започна да се спроведува на почетокот на годинава од страна на ХЕРА и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (УГАК), со цел да се подобрат капацитетите на јавното здравство за обезбедување на оваа здравствена услуга.

„Заради својата едноставност и безбедност по здравјето на жените, медикаментозниот абортус сѐ почесто го заменува хируршкиот метод за прекин на бременоста, што се потврдува и со фактот дека со оваа метода се изведуваат дури 80 отсто од абортусите во земјите на ЕУ. Исто така, во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста, бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на ковид-19“, се вели во соопштението на ХЕРА.

Се додава дека, во рамките на овој проект, со донација од Меѓународната федерација за планирано родителство, се реновираше и се и опреми просторија на Клиниката што ќе се користи за информирање и советување на жените за медикаментозен абортус. Испечатени се брошури за пациентките и е спроведена обука на медицинскиот кадар за жените кои ќе ја одберат оваа опција.

Соработката меѓу Клиниката и ХЕРА е според одлуката на Министерството за здравство за одобрување на Клиничкото упатство за безбеден абортус, од 30 декември 2020 година, согласно стандардите на СЗО, кое дава и медицински насоки за изведување на интервенцијата. Дополнително, во рамки на Превентивната програма за здравјето на мајките и децата за 2021 година, ова министерство обезбеди и буџет од половина милион денари за набавка на потребните лекови за медикаментозен абортус за Клиниката за гинекологија и акушерство.

Поради недостигот од лековите на пазарот и сѐ уште недоволно обучениот медицински кадар, овој нов метод засега нема да биде достапен насекаде во нашата земја, информираат од ХЕРА.