Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) вчера презела две мерки против телевизијата „Нова“, како и против телевизијата „Шења“ и магазинот „Леона“.

На телевизиите „Нова“ и „Шења“ им е изречена опомена поради необјавување импресум, а на магазинот „Леона“ опомена поради не објавени податоци за адресата на издавачот на медиумот, податоци за печатницата и датумот на печатење или препечатување.

Дополнително, телевизијата „Нова“ на Сеад Кочан ќе добие опомена поради тоа што речиси и не создава програма, туку емитува репризи.

Агенцијата по службена должност извршила вонреден програмски надзор врз „Нова“ за почитувањето на член 67 став 6 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, според кој радиодифузерот е должен во текот на една недела да исполни 80% од програмскиот концепт за кој му е доделена дозволата за телевизиско емитување.

Се утврдило дека на програмата на „Нова“, во период од 19 до 25 март 2018 година, воопшто не е спроведуван програмскиот концепт за кој и е издадена дозволата за телевизиско емитување.

„Беше целосно надвор од форматот за којшто му е издадена дозволата, речиси вкупно емитуваната програма беше составена од репризи на претходно емитувани програми, а во програмите со информативна функција отсуствуваше дневен или актуелен новинарски ангажман“, се вели во извештајот на ААВМУ.

Поради тоа, радиодифузерот ќе биде опоменат да ги исправи неправилностите, а дали тоа ќе се случи ќе се утврди со нов вонреден надзор.
foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.