Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) апелира до Владата и другите надлежни институции да ја унапредат комуникацијата со новинарите и да го зголемат степенот на транспарентност во периодот на вонредната состојба поради епидемијата со корона вирусот. Од ААВМУ потенцираат дека комуникацијата со новинарите треба да биде отворена и двонасочна.

„Во вонредна состојба исклучително е важно да им биде овозможено на новинарите професионално да ја извршуваат својата работа и да им биде даден простор за потпрашања на добиените одговори. Само така нема да биде загрозена слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, односно пристапот до објективни, навремени и сеопфатни информации. Воедно, Агенцијата смета дека надлежните органи и институции треба да избегнуваат да користат комуниколошки облици кои според форматот наликуваат на медиумски информативни емисии, како што беше неодамнешниот пример“, се наведува во соопштението на ААВМУ.

Од Агенцијата повторно потсетуваат дека на сите медиуми без исклучок треба да им биде обезбеден еднаков пристап за известување, без разлика дали некои онлајн медиуми се впишани или не во Регистарот на професионални онлајн медиуми на СЕММ и ЗНМ. Воедно, од ААВМУ потенцираат дека медиумите треба да ги почитуваат професионалните стандарди и принципи, особено кога станува збор за информации од висок степен на јавен интерес.

Од ААВМУ апелираат да се вложат максимални напори за обезбедување на заштита и безбедност на медиумските работници во функција на професионално и безбедно извршување на задачите.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.