Дел од телевизиите со национална концесија не ги почитуваат начелата од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, особено оние каде се бара објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења, пишува во првиот извештај на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (AAВМУ) од следењето на медиумското претставување во вестите, во периодот од распишување на изборите до почетокот на изборната кампања, односно од 15 до 24 април 2016 година.
Следењето покажало дека во првите десет дена од распишувањето на изборите, најмногу се известувало за „активностите и за ставовите на четирите најголеми партии, меѓународниот фактор и претседателот на државата во врска со политичката криза и за граѓанските протести“, а радиодифузерите покажале „различен однос кон професионалните стандарди и програмски начела за вршење на дејноста“.
„Програмските сервиси на Јавниот радиодифузен сервис настојуваат да ги почитуваат програмските принципи и стандарди и сопствените правила за покривање изборни процеси, со неколку исклучоци. Пет телевизиски програмски сервиси не ги почитуваат начелата од член 61 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, особено она со кое се бара објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување публиката слободно да оформи мислење за одделни настани и прашања (алинеја 9). Кај „ТВ Алфа“, „ТВ Канал 5“, „ТВ Канал 5 плус“ и „ТВ Сител“ се забележуваат прилози поврзани со политичката криза, со активностите на државните органи и со промовирањето на мерките од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ во чија обработка и третман медиумите покажуваат ист или исклучително сличен начин на известување, разработуваат, односно акцентираат исти тези и ставови (свои или преземени од домашни или странски медиуми, експерти, претставници на партии), па дури користат и исти (туѓи или странски) снимки како илустративен материјал, што укажува на извесна усогласеност во нивната уредувачка политика“, стои во извештајот.
Кај овие телевизии, се додава во извештајот, „се забележува тенденција која, доколку продолжи во истиот правец, ќе резултира со известување во функција на изборно медиумско претставување на партиите од власта“.
„Станува збор за прилозите во кои активностите за промовирање мерки за унапредување на земјоделството од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ се претставуваат како политика на државата во оваа сфера, како и за прилози за активности на државните органи на централно и на локално ниво кои се креирани за да се привлече медиумско покривање“, се наведува во извештајот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.