Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) по повод 3 Мај – Меѓународниот ден на слободата на медиумите, порача дека покрај прославувањето на фундаменталните принципи и независноста на медиумите, овој ден служи и како потсетник за улогата на медиумите во развојот на демократијата и обврската на владите да ја почитуваат нивната слобода.

„Годинава, светскиот ден на медиумите се одбележува под мотото „Новинарство без страв и наклонетост“, при што акцентот е на тоа дека независните медиуми, ослободени од сите видови притисоци, играат клучна улога во носењето на информирани одлуки и во обезбедувањето транспарентност и одговорност на институциите’, порача ААВМУ.

Агенцијата нагласува дека потребата од професионално и точно информирање никогаш не била појасна отколку сега, кога во времето на пандемијата на Ковид-19 се присутни многу дезинформации и лажни медицински совети што може да го загрозат здравјето на луѓето.

„Во услови кога пандемијата од Кковид-19 го диктира темпото на живот, навремени, веродостојни информации и нивниот слободен тек се суштински во соочувањето, разбирањето и надминувањето на кризата. Професионалното, етичко и точно известување придонесува не само за превенција и справување со заразата, туку и за разобличување на дезинформациите и на лажните медицински совети кои би можеле да го загрозат здравјето. Токму затоа е неопходно да се овозможи слободен и еднаков пристап до информациите и да не се ограничува слободата на движење на новинарите“, посочува АВМУ, апелирајќи да се вложат максимални напори за обезбедување заштита и безбедност на медиумските работници при извршување на професионалните задачи.