Со донации за компјутери и таблети, општините во обид да обезбедат пристап до онлајн настава за сите ученици

Фото: Thomas Park на Unsplash

Далечинското учење, односно онлајн наставата, наметната од условите поради пандемијата, ја истакна нерамноправноста и неусогласеноста на уживањето еднакви можности за сите. Дел од учениците, но и професорите, се соочија со недостаток на дигитални уреди и алатки, но и пристап до интернет. Ова ја засили потребата општините да излезат во пресрет и да обезбедат пристап до образование во услови на корона криза. Од изјавите кои Мета.мк ги доби од скопските општини очигледно е дека локалните самоуправи во голем дел ги обезбедиле овие уреди со помош на донации. Само дел од нив, издвоиле буџетски средства за купување опрема потребна на општинските училишта.

Вкупно 60 преносливи (лап топ) компјутери за потребите на наставничкиот кадар во 8-те основни училишта на територија на општината, обезбедила Општина Центар.

„Сите 60 преносливи компјутери се обезбедени исклучиво од донации од општествено одговорни компании, кои со овој гест даваат поддршка за полесно и непречено одржување на онлајн наставата во време на пандемија на коронавирус. За оваа активност не е потрошен ниту денар од општинскиот Буџет“ изјавија од Општина Центар за Мета.мк.

Од Општина Ѓорче Петров, велат дека исто така по пат на донации од компании обезбедени се вкупно 445 уреди, од кои 8 се лап топ апарати, а останатите се таблет компјутери, наменети за шесте основни училишта што се под надлежност на општината.

„Уредите беа распределени еднакво за сите основни училишта во кои вкупно настава посетуваат 3.500 деца. Во училишата уредите беа поделени по приоритетна листа на деца чии родители од финансиски причини не можат да обезбедат апарат за непречено одвивање на онлајн наставата. Лап топ уредите, пак, се доделени на наставниот кадар“ посочуваат оттаму.

Слична бројка на уреди има обезбедено и Општина Бутел. Оттаму посочуваат дека на почетокот на учебната година, во септември обезбедени се 350 таблет компјутери, наменети за сите вработени од седумте општински основни училишта.

„Во дополнителна донаторска акција од страна на градоначалникот на општина Бутел и акцијата која ја организираше Општина Бутел „Донирај комјутер“ поделени се 55 таблет компјутери и лаптопи наменети за дечињата од семејстава со социјално загрозен статус“ велат од општината, од каде што појаснуваат дека 350 уреди од почетокот на оваа учебна година се обезбедени од буџетот на општината, додека остатантите 55 апарати се обезбедени преку донации, од кои 22 од лични средства на градоначалникот Велимир Смилевски и 33 преку акцијата „Донирај комјутер“ организирана од страна на општината.

Општина Чаир пак, добила 100 таблети за учениците преку приватниот донатор „Еколог“, а од буџетот на општината за наставниците обезбедени се 250 статични компјутери со опрема за одржување на наставата.

Близу 300 уреди обезбедила и општината Шуто Оризари за основните училишта О.О.У„Браќа Рамиз-Хамид“ и О.О.У„26 Јули“. Опфатени се 258 ученици на кои им се потреби уреди за следење онлајн настава, а како што велат од општината, тие се добиени од донации од неколку меѓународни организации, како и приватни фирми кои се надвор од општината.

Фото: HalGatewood, Unsplash

Според потребите на основните училишта во општина Кисела Вода, со поддршка од нејзините соработници, по пат на донации обезбедени се помал број компјутери, бидејќи како што велат од општината „дел од училиштата успеаа и сами да си обезбедат донации, а некои со сопствени средства извршија набавка на компјутери“.

„Благодарение на Градот Скопје, Европскиот совет, на правните субјекти „Делта бет“, “Биотек лабораторија“, Ротари клуб, МАКПЕТРОЛ, и две физички лица, училиштата се опремија со 40 таблети и со 53 пeрсонални и лаптоп компјутери. Училиштата со сопствени средства купија 19 компјутери. Едно училиште од T-Mobile доби донација 10 ваучери за интернет“, појаснуваат од општина Кисела Вода.

Од Општина Карпош истакнуваат дека обезбедени се 35 лаптоп и 65 десктоп компјутери, вкупно 100 и истите се дадени како ИТ опрема во училиштата за реализирање на онлајн настава.

„Уредите се наменети за воспитно-образовниот кадар во ООУ како неопходен услов за онлајн настава. Согласно Протоколот за реализирање настава има изјави од 77 родители кои земаат печатени материјали од училиштата, а најголем дел се од ООУ Аврам Писевски, кои немаат потреба за ИТ уред бидејќи во домовите немаат интернет“ појаснуваат од општината, од каде што велат дека од вкупниот број на компјутери, 21 лаптоп е добиен од субвенциите за склучен Договор на Општина Карпош со вредност од околу 1.600.000 денари. Додека пак, останатите се донации од општествено одговорни компании.

Од Општина Аеродром пак, тврдат дека основните училишта на територијата на општината, целосно се покриени со соодветна информатичка опрема за изведување на училишната настава.

„Училиштата уште од април минатата година им даваат на реверс на учениците кои немаат компјутери со цел сите деца да можат непречено да ја следат онлајн наставата“ додаваат од општината.

И од оваа локална самоуправа истакнуваат дека имаат добиено донација лаптоп компјутери од Универзитет за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ кои се отстапени на трајно користење на ООУ „Блаже Конески“ и се наменети за учениците, како и донација лаптопи за потребите на учениците од ООУ „Александар Македонски“ од компанијата „Џеваир скај сити“.

Мета.мк се обиде да стапи во контакт и упати прашања и до општините Гази Баба и Сарај, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор каква е состојбата со обезбедување опрема за следење онлајн настава во општинските училишта.

Инаку, наставата во оваа учебна 2020/2021 година започна со комбиниран пристап. Децата од прво до трето одделение наставата ја следат во училиште, а останатите преку електронските алатки и онлајн платформата schools.mk. Средношколците пак, исто така учат преку далечинско учење, освен оние што со физичко присуство ја следат наставата во средните стручни училишта, каде е неопходен практичниот дел.