fbpx

Вистиномер: Се пропушта контекстот кога се тврди дека во Англија се случил ,,геноцид” на тројно вакцинираните

-

Презентираме податоци за ковид случаи, хоспитализации и смртни случаи според вакциналниот статус. Овие податоци не треба да се користат за да се проценува ефективноста на вакцината, затоа што во нив не се содржани различните ризици, однесувања и тестирања кај вакцинираната и невакцинираната популација, се вели во извештајот на кој се повикува објавата што ја рецензираме, во која е пропуштен контекстот и недоследно и манипулативно се игра со фактите, пишува Вистиномер во текстот кој го пренесуваме во целост.

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Геноцид!!! Британската влада потврди дека тројно вакцинираните се одговорни за 76 проценти од смртните случаи на ковид 19!

Во склоп на постот е споделен и текст од сајтот Коловрт во кој се наведува дека Агенцијата за здравствена безбедност на Обединетото Кралство „тивко објавила податоци” кои покажуваат дека бројот на смртни случаи од коронавирусот се зголемил кај вакцинираните во Ангија, а опаднал кај невакцинираните, по што вакцинираната популација сега има 90 проценти од сите смртни случаи од ковид-19, а тројно вакцинираните 76 проценти од тие смртни случаи. Во текстот се вели и дека „огромното мнозинство од лицата кои починале во последните месеци биле вaкцинирани по три пати”, а ,,работите од недела во недела се сѐ полоши за целосно вaкцинираните, додека кај невaкцинираните се подобруваат”.

Додека медиумите се зафатени со хранење на масите со пропаганда и лаги, владата тивко ги објави овие бројки потврдувајќи дека 90 отсто од сите смртни случаи од KOBИД-19 низ Англија се меѓу целосно вaкцинираната популација, се вели во текстот кој го рецензираме. Во него се презентирани и податоци дека од 31 јануари до 27 февруари во Англија имало вкупно 3.939 потврдени смртни случаи од ковид 19, а 2.704 биле тројно вaкцинирани. Во меѓувреме, на невaкцинираните отпаѓаат на само 397 смртни случаи (помалку од 10%), се додава во написот.

Прво, во нашата рецензија забележуваме дека од насловот на текстот во кој се вели дека се случил ,,геноцид”, имплицитно се сугерира дека вакцинацијата со три дози и со две дози претставува причина за овие смртни случаи за кои се известува. Со ова комплетно се пропушта контекстот, односно се дава контекст дека вакцините ги предизвикале смртните случаи, што е недоследно и манипулативно играње со фактите.

Вистиномер го пронајде извештајот врз основа на кој се изведени заклучоците во објавата што ја  рецензираме. Во него, на страница број 3 се вели:

Презентираме податоци за ковид случаи, хоспитализации и смртни случаи според вакциналниот статус. Овие податоци не треба да се користат за да се проценува ефективноста на вакцината, затоа што во нив не се содржани различните ризици, однесувања и тестирања кај вакцинираната и невакцинираната популација. 

Вакциналната ефикасност се мери според други параметри кои може да се прочитаат на страница 4 во извештајот.

На страница 37, пак, презентирани се податоците што ги проблематизира текстот кој го рецензираме во делот насловен „Вакцинален статус на позитивните случаи, починатите и хоспитализациите“ (Vaccination status in cases, deaths and hospitalisations).

На 38 и 39 страница се вели дека „во контекст на многу висока вакцинална покриеност на населението, дури и кога се работи за високоефективна вакцина, се очекува голем дел случаи, хоспитализации и смртни случаи да има меѓу вакцинираните, едноставно поради фактот што поголем дел од популацијата е вакцинирана и ниедна вакцина не е 100 проценти ефективна“.

Ова е особено вистинито, затоа што вакцинацијата беше приоритет за лица кои се во поголем ризик и поподложни на ризик од сериозна болест. Индивидуите кои се во ризичните групи може да се во поголем ризик од смрт или хоспитализација од причини неповрзани со ковид-19, и така може да бидат хоспитализирани или да починат со ковид-19, а не од ковид-19, се вели во извештајот на страница 39.

Потоа се објаснува дека вакциналниот статус на починатите не треба да се користи за да се оценува вакциналната ефективност поради разликите во ризикот, однесувањето и тестирањето кај вакцинираните и невакцинираните. На пример, голем дел од лицата што први се вакцинираа, се оние кои имаат поголем ризик од ковид-19 поради нивната возраст, работа, семејни околности или коморбидитети (стр 38 од извештајот).

Понатаму, се објаснува и дека луѓето кои се целосно вакцинирани можат да имаат повеќе социјални контакти и различна изложеност на ковид-19, отколку невакцинираните. Луѓето кои никогаш не се вакцинирани, имаат поголеми шанси да се заразиле со ковид-19 во неделите или месеците пред периодот опфатен во извештајот. Тоа им дава природен имунитет на вирусот кој може да предизвикал стапката на позитивни случаи кај нив да е пониска.

Наспроти невистинитата информација споделена во насловот на постот, каде вакцинацијата се нарекува „геноцид“ и каде се вели дека британската влада потврдила дека тројно вакцинираните се одговорни за 76 проценти од смртните случаи од ковид-19, повикувајќи се на извештајот, се оние што се цитирани несоодветно и на начин на кој што самата британска влада апелира дека не треба да се интерпретираат.

На страница 11 од извештајот кој во постот што го рецензираме е манипулативно презентиран, се вели дека ефективноста против смртност после 2 недели од примената бустер доза е дури 95 проценти!

Ова значи дека не само што не станува збор за геноцид, туку и за огромен процент на заштита што ја дава вакцината.

Високи нивоа на заштита над 90 проценти против смртност со три примени дози и кај алфа и кај делта варијантата се регистрирани со релативно ограничено ослабување на имунитетот. Вакциналната ефективност против смртност со омикрон варијантата беше проценета за тие постари од 50 години со комбинирање на ризикот пациентот да стане симптоматски случај и со ризикот од смртност кај симптоматските случаи кај вакцинираните споредено со невакцинираните. И по 25 недели по примањето на втората доза, вакциналната ефективност беше околу 60 проценти, додека две или повеќе недели по бустерот ефективноста против смртност е 95 проценти, се вели на страница 11 во извештајот.

Повеќе проверувачи на факти од светот, меѓу кои и Ројтерс, повеќе пати имаат пишувано дека не може да се изведе причинско-последична врска меѓу вакцинацијата и смртноста. Но, во текстот што го рецензираме, се прави токму ова, сугерирајќи се некаков непостоечки ,,геноцид”.

Некои од причините се базираат на фактот што вакцинираните во просек се постари од невакцинираните. Стапката на смртност кај повозрасната популација е повисока и тоа ќе ја покачи и стапката на смртност на вакцинираната споредено со невакцинираната популација.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека во постот што го рецензираме е пропуштен контекстот, односно пропуштено е да се наведат клучни податоци и образложенија заради кои што вакцината не може да биде виновна за смртноста, ниту, пак, да се оценува нејзината ефективност базирано на извештајот од Велика Британија кој се цитира. Тоа впрочем е наведено и во самиот извештај.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двете изборни среди училиштата ќе ги одработуваат на 18 мај и на 1 јуни

Основните училишта во текот на вчерашниот ден добиле известување од Министерството за образование и наука (МОН), дека деновите во кои ќе се одржат изборите, ќе треба да се одработат...