fbpx

Контраспин: ВМРО-ДПМНЕ спинува за работата на ДКСК и за индексот на перцепција на корупцијата

-

Тврдењето дека Антикорупциска комисија работи по инструкции на СДСМ е тенденциозно и неосновно, а тоа се гледа по предметите коишто ги имаат отворено. Само изминатата година ДКСК, меѓу другото, отворила предмет за Драги Рашковски кој беше Генерален секретар на Владата, за поранешниот функционер на СДСМ, Рубинчо Заревски кој добил грант од Фондот за иновации, потоа за лицата кои учествувале во донесувањето на Деталниот урбанистички план за „Холидеј ин“, како и прекршочни глоби за 710 поранешни функционери кои не поднеле анкетен лист. Исто така, ВМРО-ДПМНЕ ја спинува вистината кога вели дека Северна Македонија е на дното по индексот на корупцијата. Според последниот индекс за перцепција на корупцијата, објавен од страна на Транспаренси интернешнл, Северна Македонија „рипна“ за 24 места и се наоѓа на 87 место на листа од 180 земји, додека лани бевме на 111 место, пишува „Вистиномер“ во својот Контраспин.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

На прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ, портпаролот на партијата, Димче Арсовски изнесе став за Антикорупциската комисија во којшто можеме да препознаеме два спина:

Спин 1: Антикорупциската комисија дефинитивно спие или евентуално не добиле инструкции (на СДСМ н.з.) дали смеат да отворат случај за овој предмет, а можат да отворат уште денес.

Спин 2: Ако на некој не му е јасно зошто сме на дното по индексот на корупција, тоа е затоа што не добиле сѐ уште антикорупционерите инструкција да отворат случаи за вакви работи и едноставно да ги средат и санираат.

На целата држава и јавност им е јасно како функционира антикорупциската комисија. Дали можеби нивниот молк е затоа што корупцијата потекнува од таа институција?

[Извор: веб-страница на ВМРО-ДПМНЕ: ДКСК чека инструкции од СДСМ дали смее да отвори случај за Калеска-Ванчева; датум: 28.01.2022]

 

Контраспин: Овој став на портпаролот на  ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски  е искажан откако партијата обвини дека адвокатското друштво ДЕ ЛЕГЕ, за кои тие тврдат дека е на пратеничката од редовите на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева, наплатило 55.000 евра од државните институции кои ги раководеле кадри на СДСМ.

Но, изнесените напади кон Антикорупциската комисија во однос на овој случај ги сметаме за неосновани. Ваквиот став за Комисијата е генерализиран и без конкретни докази. Антикорупциска комисија има посебни правила и процедури како покренува постапка односно како отвора предмет и како одлучува по тие предмети. Државната комисија постапува по сопствена иницијатива или по поднесена пријава. Она што ВМРО-ДПМНЕ не го кажува е дали воопшто поднеле пријава за овој случај, по којшто ДКСК треба да одлучува.

Освен тоа, процедурата на ДКСК од покренување предмет до одлучување е комплексна и не се случува веднаш, а тоа е пропишано во неколку членови од Деловникот за работа на ДКСК:

Член 21

За прашања од својата надлежност утврдени со закон, Државната комисија одлучува на седница.

Член 22

По приемот на писмениот предлог за свикување на седница, Претседателот односно заменик-претседателот на Државата комисија е должен да ја закаже седницата и да ја свика Државната комисија во рок од 3 дена.

Член 24

Одлуката за свикување седница на Државната комисија заедно со предлогот на дневниот ред и материјалите по прашањата што се предлагаат за дневниот ред за седницата им се доставуваат на членовите најмалку три работни денови пред денот определен за одржување на седницата.

Член 36

Државната комисија постапува по сопствена иницијатива или по поднесена пријава.

За постапување по сопствена иницијатива Државната комисија носи заклучок на состанок на колегиум врз основа на што се изготвува службена белешка за оформување на предмет.

Пријавата се поднесува во писмена форма преку архивата на Државната комисија или во електронска форма.

Член 37

Постапувањето по оформен предмет се смета за започнато со преземањето на првото дејствие на членот или претседателот на Државната комисија на кого му е распределен предметот.

Член 38

Државната комисија ќе постапи по поднесена пријава ако од наводите и доказите приложени кон пријавата или од сознанија добиени на друг начин, основано произлегува дека е загрозен јавниот интерес од страна на службените лица при вршење на јавните овластувања и службената должност.

Тврдењето дека Антикорупциска комисија работи по инструкции на СДСМ е неточно и тоа се гледа по предметите коишто ги имаат отворено. Само изминатата година ДКСК, меѓу другото, отворила предмет за Драги Рашковски кој беше Генерален секретар на Владата, за поранешниот функционер на СДСМ, Рубинчо Заревски кој добил грант од Фондот за иновации, потоа за лицата кои учествувале во донесувањето на Деталниот урбанистички план за „Холидеј ин“, како и прекршочни глоби за 710 поранешни функционери кои не поднеле анкетен лист.

По прозивките од ВМРО-ДПМНЕ, со реакција се јавија и од Комисијата од каде велат дека се изненадени од изјавите на политички партии кои се обидуваат работењето на Комисијата да го искористат за дневно политички пресметки.

Ваквите неаргументирани напади се штетни за институциите, го рушат нивниот интегритет, истовремено го рушат и интегритетот на политичките партии и создаваат општа недоверба во јавноста. ДКСК постапува во рамките на своите законски надлежности, неселективно ги разгледува доставените пријави, отвора предмети по сопствена иницијатива, а своите одлуки ги носи на јавна седница. За тоа говорат и фактите, имено само минатата година Комисијата донесе одлука за 479 предмети, велат од ДКСК.

Според податоците за работењето на Комисијата во 2021 година, биле отворени 788 предмети по иницијатива на ДКСК, биле доставени 704 пријави од граѓани, здруженија, институции со сомневање за постоење корупција, злоупотреба и судир на интереси и побарани мислења од ДКСК.

За време на прес-конференцијата беше изнесен уште еден спин, дека Северна Македонија е на дното по индексот на корупцијата.

Ова, исто така, е неточно и целосно извртување на вистината. Всушност реалноста е дека имаме напредок во ова поле. Според последниот индекс на перцепција на корупцијата, објавен од страна на Транспаренси интернешнл, Северна Македонија „рипна“ за 24 места. Оваа година државата се наоѓа на 87 место на листа од 180 земји, додека минатата година бевме на 111 место.

Оттука, тврдењата дека ДКСК работи само по инструкции на СДСМ и дека државата е на дното по индексот на корупцијата, ги сметаме за класични спинови, пишува „Вистиномер“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Откриен еден од осомничените за тешка кражба на сеф во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 23-годишник, осомничен за кражба на сеф во Црниче. Ноќта меѓу 31 март и 1 април, осомничениот заедно со уште три лица, провалиле во...