Сообраќајната полиција понекогаш сексуално ги вознемирува девојките, од МВР велат дека се евидентираат сите случаи

Од анкетираните лица кои доживеале сексуално вознемирување, сите 5 се девојки, а што се однесува до пријавите за вербално вознемирување, 3 се девојки и 3 се момчиња

-

Порталб.мк спроведе aнкета во врска со вознемирувањето од страна на сообраќајната полиција во Северна Македонија при запирањето на возачите во сообраќајот. Од 129 анкетирани возачи, 11 изјавиле дека доживеале вознемирување, 5 од нив доживеале сексуално вознемирување, а 6 доживеале вербално вознемирување (3 момчиња и 3 девојки). Поради недовербата во институциите и предрасудите, ниту еден од овие случаи не е пријавен. Во МВР за околу две години регистрирани се 36 случаи против сообраќајните полицајци кои се однесуваат на нивното непрофесионално и недолично однесување. Граѓанското општество апелира полицијата да има поефикасни мерки за откривање на овие случаи и да изрекува поголеми санкции, притоа охрабрувајќи ги граѓаните да ги пријавуваат овие случаи, пишува Порталб.

„Полицаецот побара да ме следи на Инстаграм”

Во август годинава, 29-годишна кумановчанка со својот автомобил тргнала на работа во Скопје, а на влезот на селото Арачиново полицијата ја запрела и ѝ ја побарала возачката дозвола. Таа за Порталб.мк раскажа што доживеала.

„За жал ја немав возачката дозвола со мене бидејќи ден пред тоа го изгубив паричникот. Му кажав дека немам никакви документи со себе бидејќи ги изгубив и му кажав дека одам на работа. Тој ми рече ‘знаеш ли колку е казната?’, и ми рече дека е 100 евра. Му реков, добро, пиши“, вели кумановчанката.

Таа додава дека полицаецот потоа почнал да ја вознемирува и ѝ го побарал Инстаграм профилот.

„Ми рече, немаш ли некој контакт што би можел да остане меѓу нас, и откако повторно му реков не, тој продолжи да ми кажува дека казната е 100 евра, на крај рече, во ред, може да си одиш, но дека му должам едно кафе и јас си заминав. Неговото инсистирање не беше нормално затоа што беше на иста возраст како мојот татко“, изјави 29-годишната девојка.

Анкета на Порталб.мк: Девојките доживуваат сексуално, момчињата вербално вознемирување

0д 6 до 22 септември 2024 година Порталб.мк спроведе анонимна анкета во врска со вознемирувањето од страна на сообраќајната полиција во Северна Македонија за време на сообраќајните контроли на возачите во сообраќајот.

Анкетата ја пополниле 129 лица, од кои 104 се девојки, 24 се момчиња и едно лице беше идентификувано со друг пол.

Од вкупно 129 анкетирани, 11 доживеале вознемирување.

Од 11 анкетирани лица кои доживеале вознемирување од страна на сообраќајната полиција на РСМ за време на сообраќајните контроли, 6 доживеале вербално вознемирување (непримерни коментари, навреди, заплашување, нарушување на достоинството), а 5 доживеале сексуално вознемирување (коментари од сексуална природата, несоодветно однесување, како намигнување, итн.).

Од анкетираните лица кои доживеале сексуално вознемирување, сите 5 се девојки, а што се однесува до пријавите за вербално вознемирување, 3 се девојки и 3 се момчиња.

Иако доживеале вакво вознемирување, ниту еден од единаесеттемина анкетирани не го пријавил случајот во полиција.

Од вкупно 129 анкетирани, 16 одговориле дека познаваат некој што доживеал ваков вид на вознемирување.

Инфографик: Порталб.мк

„Се плашиме од оние кои треба да нè штитат”

Анкетираните граѓани на Порталб.мк ги споделија своите искуства со полицајците – вознемирувачи. Еве што одговорија:

„Одев накај дома, беше 11 часот навечер, полицаецот ме застана и ми рече дека девојка како мене не треба да биде сама на улица и се смееше, а ми кажа и дека ќе ме бара на Инстаграм“.

„Во Тетово ме застана полицаец и го запиша својот телефонски бројот на еден лист и ми рече да го барам“.

„Вообичаено под мостот од Автокоманда кон Хиподром, точно кај „АСУЦ“ секогаш има полицаец, јас во тоа време бев студентка и често поминував таму, и секогаш ме вознемируваа сексуално со различни зборови“.

„Бев запрена од полицијата кај пластичарската улица со образложение дека сум поминала на црвено, но бев на ред со други коли на семафор и поминав уредно на семафорот. Бев во кола со мојата мала сестра – две девојчиња. Ме вознемируваа 15 минути со бесмислени коментари и цело време се смееја. Мораме да бидеме внимателни, бидејќи никогаш не се знае што може да ни се случи од тие што треба да нè штитат“.

„Пред неколку години се враќав од училиште, ми ја заедоа ташната и ми ги извадија сите книги, за нив беше многу интересно бидејќи ја имав белата униформа во ташна (учев медицина) и се смееја со мојата униформа, ме задржаа околу еден час и почнаа да ја носат преку глава. Тие беа цивили и ниту еднаш не ми покажаа легитимација. По некое време јас им реков да докажат дека се полицајци, инаку немам никаква причина зошто да разговарам со луѓе што не ги познавам“.

Не ги пријавуваат случаите бидејќи немаат доверба во институциите

Ниту еден од анкетираните не го пријавил вознемирувањето што го доживеале. Велат дека немаат доверба во институциите.

„Затоа што немам никакво чувство на сигурност кај нив“.

„Немав храброст“.

„Од причина што за девојките во РСМ има предрасуди, дури и да го пријавев случајот па  ќе се чувствував виновна“.

„Немам доверба во нашите институции“.

„Бев мала, не ми падна на памет да пријавам“.

„Што ако го пријавам кога не се преземаат мерки“.

„Затоа што кај нас ваквите пријави не се земаат предвид“.

„Корупција“.

„Немаат време за ништо“.

„Немам доверба“.

Молекуќја: Запознаени сме за овие случаи, состојбата е алармантна

Од Центарот за еднакви можности „Молекуќја“ истакнаа дека се запознаени со неколку случаи кога полицајците сексуално вознемирувале девојки, барајќи телефонски или контакти на социјалните мрежи.

„Тоа е многу погрешно. Ги охрабруваме девојките кои стануваат жртви на сексуално или вербално вознемирување од страна на полицијата да пријават. А МВР мора да ги зајакне своите капацитети и да создаде поефикасни механизми за откривање на овие чести случаи, како и максимално казнување на сторителите“, нагласуваат од Молекуќја.

Од полицијата потврдија дека има недолично однесување

Од Министерството за внатрешни работи за Порталб.мк потврдија дека од јануари 2023 година до 15 септември 2024 година регистрирани се 26 пријавени случаи против сообраќајните полицајци, поврзани со непрофесионално и недолично однесување на полициските службеници.

„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во Министерството за внатрешни работи презема активности за проверка на веродостојноста на тврдењата изнесени во секоја конкретна пријава и во сите случаи кога ќе утврди одредени неправилности изрекува мерки согласно Законот за внатрешни работи и Колективниот договор на МВР“, соопштија од МВР.

Од Јавното обвинителство нагласија дека случаите не се разликуваат врз основа на својството во кое е сторено кривичното дело и врз тоа која е жртвата (дали се тоа шофери, дали сторителите се полицајци или други службеници во МВР), туку дека постапуваат според делата предвидени во Кривичниот законик.

Инаку, на 14 август годинава, полициски службеник беше обвинет за злоупотреба на службената положба, под сомнение дека извршил сексуално вознемирување.

Сообраќајната полиција понекогаш сексуално ги вознемирува девојките, од МВР велат дека се евидентираат сите случаи

Порталб.мк спроведе aнкета во врска со вознемирувањето од страна на сообраќајната полиција во Северна Македонија при запирањето на возачите во сообраќајот. Од 129 анкетирани возачи, 11 изјавиле дека доживеале...