Франција и САД се залагаат за 21-дневно примирје меѓу Израел и Хезболах

Сè уште нема одговор на предлогот за примирје од ниедна страна, но лидерите во северен Либан велат дека „време е за војна“ и израелскиот министер за финансии изјави дека „уништувањето на Хезболах“ е единствената опција

Бејрут, Либан | Фото: marviikad, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Во заедничка изјава од францускиот претседател Емануел Макрон и американскиот претседател Џо Бајден, владите на Франција и САД апелираа да се воведе 21-дневно примирје помеѓу Израел и Хезболах.

„Време е да се осигури мир долж израелско-либанската граница, за да им се овозможи на цивилите да се вратат во своите домови. Со размената на оган која започна на 7 октомври, а особено во текот на изминатите две недели, се создава сериозна закана за многу поширок конфликт“, стои во изјавата на двајцата претседатели.

Двајцата претседатели се сретнаа во Генералното собрание на Обединетите нации, каде работеа на план за привременото примирје, за да „ѝ се даде шанса на дипломатијата“.

Ниту Израел ниту Хезболах немаат коментирано на предлогот за примирје и досегашните изјави од двете страни не укажуваат расположеност за прекин на ескалацијата.

Крајнодесничарскиот израелски министер за финансии Безалел Смотрич изјави дека „уништувањето на Хезболах“ е единствената опција. Неколку лидери во северен Израел велат дека сега е „време за војна“. Високорангираниот израелски генерал Херзи Халеви изјави дека војската е подготвена за потенцијална копнена офанзива во Либан.

Лидерот на опозицијата во Израел Јаир Лапид го повика израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го прифати американско-францускиот предлог.

Израелските напади врз Либан продолжуваат. Вчера биле убиени најмалку 73 лица. Во напад на станбена зграда, биле убиени 23 Сиријци, од кои повеќето биле жени и деца. Во Либан има околу 750.000 сириски бегалци.

Хезболах соопшти дека со ракети таргетирале неколку израелски воени цели.